По само три дена од кампањата „Скопје дома“, поради низата лоши коментари, Град Скопје реши да ја укине паричната наградата од 100 евра која требаше да ја доделува секој ден за една најкреативна фотографија направена дома.
„Градот ја организираше кампањата на социјалните медиуми за поддршка на мерките на Министерството за здравство за повикување и охрабрување на граѓаните на главниот град да го поминуваат времето во своите домови. Поради појавените негативни коментари и немањето потреба оваа кампања да предизвикува контроверзии во јавноста, решивме од денеска да ја укинеме паричната награда на конкурсот“,
велат од Град Скопје.
Оваа кампања, посочуваат оттаму, било планирано да трае 30 дена и секој ден да се доделува по една награда од 100 евра. Сега кампањата ќе продолжи, и понатаму ќе се избира најкреативна фотографија, но нема да се доделува награда.
„Сметаме дека на Скопјани не им е потребен единствено финансиски поттик за да меѓусебно се охрабруваат како креативно да го поминат времето дома“,
посочуваат од Град Скопје.
Инаку, ваквата одлука од градските власти се поклопува и со денешното доделување кое предизвика многу негативни реакции на социјалните мрежи бидејќи денешниот победник на наградата беше Петар Прентовиќ, син на пратеничката од СДСМ во последниот парламентарен состав, Татјана Прентовиќ.
Претходните два дена, пак, награди на конкурсот добија Лариса Митиќ и Јехона Спахиу.