На прашањето зошто Наталија Митовска сè уште не е назначена за секретар на Град Скопје, градоначалничката вели: „Затоа што во тек се постапките кои се неопходни да се завршат, а едновремено се наоѓаме и во предизборие, каде што, нели, не смееме да ги извршуваме овие назначувања“
По разрешувањето на Зоран Глигоров од позицијата генерален секретар, Град Скопје функционира со испразнето секретарско место, кое е предвидено за Наталија Митовска.
Градоначалничката Данела Арсовска во интервју за „360 степени“ на МРТ1 кажа дека позицијата формално не може да се пополни поради законските ограничување во пресрет на изборите.

360°: На 29 декември соопштивте дека Зоран Глигоров е разрешен и дека ја назначувате Наталија Митовска. До ден-денес Наталија Митовска не е назначена.
Арсовска: Напротив, доколку сте го прочитале добро соопштението, таму пишуваше дека ќе се назначи Наталија Митовска.
360°: И зошто не е назначена Наталија Митовска за секретар?
Арсовска: Затоа што во тек се постапките кои се неопходни да се завршат, а едновремено се наоѓаме и во предизборие, каде што, нели, не смееме да ги извршуваме овие назначувања.
Тоа што не може формално да назначи нов, не значи дека Глигоров е сè уште на позиција, децидна е Арсовска.
Инаку, Глигоров беше еден од најблиските соработници на Арсовска, а неговото разрешување доајде откако неговата сопруга го пријави за семејно насилство.
Митовска, пак, е сопственичка на продукцијата „Трипл диџит продакшн“ и е сопруга на сопственикот на порталот „Инфомакс“, Александар Митовски-Мечка.