Во рок од седум дена Ислам Абази треба да биде именуван за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција
Шефот на Вишото јавно обвинителство во Гостивар, Ислам Абази, е нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) кој ќе ја наследи актуелната шефица Вилма Русковска.
Тој доаѓа на позицијата по денешното гласање од страна на обвинителите во цела држава.
Вкупно, според информациите од Советот на јавни обвинители, тој освои 66 гласа или само два повеќе од Ермон Незири.
Актуелната шефица која бараше втор мандат, Вилма Русковска, доби само 14 гласа од обвинителите, е на четврто место со 10 гласа заврши Деса Пауновска од Вишото обвинителство во Гостивар.
Од Комисијата за избори наведоа дека во рок од седум дена Ислам Абази треба да биде именуван за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Согласно Законот, како што укажаа од Комисијата, четворицата кандидати, како и избирачите имаат право на приговор во однос на резултатите од гласањето.
Во пресрет на денешното гласање, „360 степени“ минатата недела претстави тројца од четворицата кандидати во однос на нивните ставови што треба да се промени и како тие како евентуални шефови ќе ја подобрат работат на ОЈО ГОКК. Единствено, Ислам Абази, кој денеска победи, не одговори на нашите прашања.