Гостивар се „прилучи“ на групата подрачја кои имаат најмалку 100 активно болни лица од ковид-19. Или прецизно, со денешните 12 нови регистрирани случаи, на подрачјето на Центарот за јавно здравје – Гостивар сега има 103 болни од коронавирусот.
Бројката можеби и не е екстремно висока ако се земе во предвид дека Гостивар и околината немаат мала популација имајќи го во предвид просекот во земјата. Но, тоа што загрижува е екстремно брзиот раст на заразата.
Според податоците на Министерството за здравство, во Гостивар на 30 јуни имало 63 активни случаи. Само седум дена подоцна, на 7 јули, државните статистики велат дека во градот и околината има 103 активно болни. Тоа е зголемување за 63% за само една недела.

Дебар и Прилеп ја поминаа, Кичево и Свети Николе „итаат“ кон 50 – ката
Меѓу подрачјата во земјата каде ковид-19 значително се шири во последниве седум дена се Дебар, Прилеп, Кичево и Свети Николе.
Во Дебар сега има повеќе болни отколку кога градот беше под карантин. На подрачјето на тамошниот центар за јавно здравје има 64 активно болни, а пред една недела имаше 40. Или, за седум дена +60%.

Во Кичево пак, на 30 јуни имало 25 активно болни од новиот коронавирус. Денеска, таа бројка е 40 или +60% од пред една недела.

Свети Николе е поекстремен пример и од Кичево. На 30 јуни на подрачјето на тамошниот Центар за јавно здравје имало 24 активно болни, а денеска бројката изнесува 42 случаи. Во проценти, тоа е пораст од 75% на бројот на активни случаи.
