Рокот истекува на 8 март, на полноќ

Покрај Бујар Османи (ДУИ), Арбен Таравари (Коалиција „Вреди“) и Максим Димитриевски (ЗНАМ), заклучно со вчера, потребните 10 000 потписи за кандидати за претседатели ги обезбедиле Билјана Ванковска од Левица и Стевчо Јакимовски од ГРОМ, потврди Државната изборна комисија (ДИК).
Според пресекот на ДИК, заклучно со вчера во 20 часот, во трката за собирање на потписи остануваат уште шестмина, а допрва граѓански потписи најавија дека ќе собираат и Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски.
Кандидатот чие име предизвика големо внимание во јавноста, Господин Попоски од Вевчани, засега успеал да обезбеди само 106 гласа.
Под илјада потписи досега имаат и независната кандидатка поддржана од ДЕСНА, Зорица Цветковска (вкупно 176), како и Ѓoрѓи Манасков, на кого поддршка досега му дале 388 граѓани.
Томе Николоски останува со 0 потписи, а самиот пред неколку дена објави дека се откажува од трката.

Рокот за собирање на потписите истекува на 8 март – на полноќ.
Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај, за кога се закажани и парламентарните избори.