Тој потенцираше дека ова е процес во којшто се засегнати градоначалниците, но, вели дека сите тие едногласно го поддржуваат
Градоначалниците да можат да се отповикуваат на референдум пред да им заврши четиригодишниот мандат е предлог кој го подготвуваат работни групи, за да се направат измени во Законот за локална самоуправа, вели Орце Ѓорѓиевски, претседател на Заедницата за единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и актуелен градоначалник на Општина Кисела Вода.
Според него, тоа е тема која е иницирана од состојбата во Град Скопје и која ќе даде можност на народот освен што има можност да го даде мандатот на некого, да може и пред време да го одземе тој мандат.
„Ќе треба заедно да се седне и со Министерството за локална самоуправа во наредниот период, да се обединат сите сили околу овој закон. Експертската јавност ќе треба јавно да се вклучи, да се дискутира на таа тема. Отповикувањето, според мене, треба да се врши на начин граѓаните по пат на референдум да можат да отповикаат градоначалник“,
рече денеска Ѓорѓиевски по форумот на ЗЕЛС „Здружени“ во ставање крај на родово базираното насилство.
Тој потенцираше дека ова е процес во којшто се засегнати градоначалниците, но, како што нагласи, сите тие едногласно го поддржуваат.
„Сите градоначалници го поддржуваме тој процес, затоа што, за жал, во државава освен во моментот што ни се случува во Градот Скопје, имаме и многу други неуспешни примери и приказни од минатото каде што се чекало да поминат четири години за на некого да му заврши мандатот и затоа имаме состојби во кои во 21 век решаваме фекални канализации, населени места се непокриени со водоводна мрежа, немаат градинки, училиште. Согласно законската регулатива која е во моментот, некој може да биде избран за градоначалник четири години и да ги помине во хибернација и ништо да не сработи за оние кои што му ја дале поддршката“,
додаде тој.
Ѓорѓиевски нагласи и дека верува во законско решение коешто во перспектива нема да дозволи да се повтори ситуацијата со Градот Скопје.
Разгледувањето на можноста за референдумско изјаснување на граѓаните за одземање на мандат на градоначалниците, Ѓорѓиевски го најавува веќе неколку месеци. Тој вели дека согласно постоечките законски регулативи, Владата нема можност да ги одземе ингеренциите на одреден градоначалник.
Тој вели дека затоа се интервенира во Законот за локална самоуправа каде што овие аномалии во системот од минатото ќе бидат отстранети.