„Мислам дека и конечно донесување на еден таков закон за комунална полиција е нешто што е од сериозна потреба за нашата земја. И ако земете во пракса, во регионот можеби сме единствена земја која нема таков закон. Така што, и тоа е во фаза на подготовки“, изјави денеска градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС
Градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевски, денеска информира дека се размислува на донесување закон за комунална полиција и дека во таа насока веќе се преземени чекори од страна на ЗЕЛС.
Ѓорѓиевски ова го кажа во изјавата за медиумите по денешниот координативен состанок на градоначалниците на скопските општини додавајќи дека во наредниот период и јавноста ќе треба да го види и да се запознае со ваквиот закон.
Според него, одредена работна група во ЗЕЛС од колеги градоначалници веќе работи на овој план во соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Мислам дека и конечно донесување на еден таков закон за комунална полиција е нешто што е од сериозна потреба за нашата земја. И ако земете во пракса, во регионот можеби сме единствена земја која нема таков закон. Така што и тоа е во фаза на подготовки“,
изјави Ѓорѓиевски.
Различен во терминологијата, но со идентичен став по ова прашање е и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, според кого, постојните проблеми со хигиената во градот Скопје нема да се решат доколку не се донесе закон за комунална инспекција.
„Нема да ги решиме проблемите ако не го донесеме законот за комунална инспекција. Комуналните инспектори мора да добијат овластувања, да легитимираат, да казнуваат, да приведуваат, да побараат притвор и физички да неутрализираат. Мора да внесеме законски одредби со кои возилата со коишто се фрла шут, смет и нешто друго на недозволено место ќе се одземаат, ќе има драконски казни итн.“,
рече Јакимовски.
Дополнително, заради подобрување на состојбите, според градоначалникот на Карпош, мора да да има и зголемување на цените за сервисирање на услугите на граѓаните согласно промените на трошоците.
„Ако останеме со овие цени за сервисирање на услугите, ние само проблемот ќе го префрлиме од едно место на друго. И цените мора да се расформираат“,
рече Јакимовски.
Скопските градоначалници по денешниот состанок соопштија дека едногласно одлучиле да побараат од Владата да му ги одземе ингеренциите на Град Скопје за јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, да назначи владин повереник и да почне трансформација на претпријатијата со која надлежностите би се поделиле по скопските општини.
Причината за ова, велат, е алармантната состојба со хигиената во Скопје. Најавуваат дека уште денеска ќе испратат писмен допис до премиерот Христијан Мицкоски и до министерот за животна средина Изет Меџити и очекуваат нивното барање итно да се најде на наредната владина седница.
„Одговорно тврдиме како градоначалници со дополнително зголемување на надлежностите за овие две претпријатија ќе дадеме барем за двојно поголема работа од ова сега. Во моментов, на 50 степени, нема општина во Скопје каде што контејнерите не се преполни со ѓубре, нема паркови кои не се обраснати со трева, нема населени места по руралните средини каде кантите не стојат по неколку денови итн. Затоа сметавме дека најалармантна е состојбата со овие две претпријатија и затоа едногласно бараме одземање на ингеренциите и започнување процес на расформирање на овие две претпријатија и предавање на обврските на секоја општина. Во Скопје, во 21 век, на секој чекор се појавува дива депонија. Во Скопје е срамота турист да дојде“,
кажа градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
Градоначалниците се на став дека во иднина би можело да се дискутира и за расформирање на другите претпријатија оти, на пример, граѓаните се жалат и на услугите на ЈСП, но, во моментов, ценат дека приоритет се „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“.
Темата со одземање на ингеренциите доаѓа во услови на речиси никаква координација и меѓу раководството и Советот на Град Скопје.
Градоначалничката Данела Арсовска обвинува дека Советот на Градот под контрола на Мицкоски е виновен за комуналниот хаос, оти намерно не ја гласаат нејзината програма за јавна чистота, со што е оневозможена да ги ангажира дополнителните 100 работници, кои претходно 20 години го чистеле градот.
ВМРО-ДПМНЕ ѝ порача дека сета одговорност и надлежност е во нејзини раце и дека наместо да бара виновници треба да се фати за работа.