Спасов смета дека најголема штета од Законот ќе има СДСМ во пресрет на локалните избори, а Левица и другите помали партии ќе ја зајакнат својата улога. Тој е на став дека претседателот Пендаровски треба да го врати Законот во Собрание
Голема грешка е Законот за легализација на дивоградбите и уште поголема членот 41 од тој закон со кој се запираат кривичните постапки против оние што беа свесни дека прават кривично дело со градење без градежна дозвола, смета универзитетскиот професор, Ѓорѓи Спасов.
Во неговиот став, кој го изразува преку социјалните мрежи, тој смета дека носењето на ваков закон ќе му предизвика голема штета на СДСМ во пресрет на локалните избори.
„Гордана Силјановска овој пат е во право и штета што ниту еден пратеник од СДСМ не се спротивстави на овој чин на ’заеднички договор за непочитување на законите и на правната држава‘ И да се поништи и да не се поништи од овој закон штета ќе има, пред сè, СДСМ бидејќи голем дел од нас и така ВМРО го сметаме за неодговорна партија. СДСМ не смееше да дозволи со еден ваков чин да им даде за право на оние што се обидуваат да докажат дека е ист со ВМРО. Користа што можеби некој ја пресметал за општините пред локалните избори,од легализацијата преку наплатување на 50% повисоки давачки за легализирање на дивоградбите,ќе биде многу помала од штетата што се прави со пораката ’градете на диво, кога и да е, тоа ќе се легализира‘ и од скриената амнестија што ја изнудиле од ВМРО“,
вели Спасов.
Тој смета дека претседателот на државата, Стево Пендаровски, не треба да го потпише указот туку треба да го врати законот на доработка. Освен бришење на членот 41, смета тој, има добри идеи како може да се легализираат само дивоградбите кои не ги нарушуваат генералните и деталните урбанистички планови, а и не ги загрозуваат заштитените зони и националните паркови.
„Сè друго ќе биде погубно пред сè, за СДСМ и ќе ја зајакне улогата на Левица и на малите партии што не гласаа за овој закон. Уставниот суд би можеле со голема леснотија да го укине овој закон а тоа би бил дополнителен пораз за СДСМ“,
смета Спасов.
Законот предизвика бурни реакции кај дел од јавноста. Најголемо внимание привлече токму членот 41 кој предвидува да се стопираат сите граѓански и кривични постапки што се во тек и произлегуваат од постапки за отстранување објекти и постапки во врска со изградба на бесправни објекти од значење за Републиката и од локално значење.
Овој член од законот е додаден на предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Предлагачи на амандманот усвоен на седницата на собраниската Комисија за транспорт и врски, одржана на 7 мај 2021 година, биле: Ане Лашкоска, Бране Петрушевски, Бојан Стојаноски, Мирче Аџиоски, Олга Лозановска (сите од ВМРО-ДПМНЕ) и Љупчо Пренџов од ГРОМ. Со членот 41, Законот беше изгласан на пленарна седница и ја доби поддршката и на пратениците од СДСМ. Дел пратениците од помалите партии, како Демократскиот сојуз, ДОМ и ЛДП, кои се дел од владејачката коалиција, пак, побараа претседателот Пендаровски да не го потпишува Законот.
Од претседателскиот кабинет се огласија дека го доставиле указот од Собранието, а Пендаровски ќе го разгледа, па ќе одлучи дали да го потпише.
Во меѓувреме, се огласија и од Антикорупциската комисија велејќи дека се на мислење да го оспорат Законот пред Уставниот суд.
*Поврзани вести:
Скандалозна одлука на Собранието: Изгласана амнестија за Стевче Јакимовски
Законот за легализација на дивоградби ќе ја „амнестира“ и терасата на ВМРО-ДПМНЕ?
Влада: Со Законот за легализација на дивоградби ќе се спречи урбаното дивеење
Антикорупциска ќе поднесе иницијатива пред Уставниот суд за Законот за легализација на дивоградби