Малкумина Македонци се запознаени со фактот дека сопругата на бугарскиот премиер, Линда Мекензи Петкова, е сопственичка на малата слаткарница „Амели“ во срцето на Софија. Таа е Канаѓанка, економист по образование, но нејзината страст е слаткарството, специјално, тортите без глутен.
Интересно е дека во понудата нема торта „Македонија“, но затоа во „магазинот“ има „френска селска торта“. Оваа кованица на специфичен начин ја прикажува актуелната состојба, имајќи предвид дека токму оваа земја претседава со Европската Унија, а нејзиниот третманот кон Западниот Балкан постојано е како кон длабока периферија. Но, таа торта не би била вистинска и не би се викала така, доколку ги нема сите потребни намирници што ќе и го дадат тој провинциски шмек.
Иако „Амели“ е позиционирана на улицата со симболично име „Сан Стефано“, таа преку својот најпознат продукт, меѓу пријателите познат како „Киро“, придонесе за омекнување на традиционално тврдите бугарски колачи.
Сепак, за нивниот вкус и за изборот што ќе биде принесен пред новата македонска влада се ќе зависи и од останатите слаткари, кои утре ги прибира „шеф“ Румен Радев.
Преземениот чекор – свикувањето на Консултативниот совет за национална безбедност, е навестување дека нешто се „крчка“.
Инаку, бугарската влада и кабинетот на шефот на државата се сместени на „Дондуков“, булевар именуван по рускиот коњички генерал кој учествувал во создавањето на Кнежевството Бугарија.
Претпоставка е дека токму таму, конечно, ќе биде тргната источната глазура која го оптоварува западниот пандишпан на кој треба да биде поставена заедничката торта со која ќе бидат послужени жителите и на Република Бугарија и на Република Северна Македонија.
За да не биде се толку слатко, очекувано е да реагираат и да протестираат тие што постојано сакаат да го делат колачот, иако со ништо не наликуваат на ликовите чиј историски багаж се обидуваат да го злоупотребат. Врската на Џамбаски и Каракачанов со славното име ВМРО е единствено преку целокупниот имот на партија, кој по пат на несекојдневно, чудно и проблематично наследно право, е во нивна сопственост.
Разбирлив е и револтот на современите креатори на проблемот, оние со кои беше потпишан последниот договор. Тие, само за да останат во власта, правеа пактови со наследниците, а денеска стравуваат дека е можно наместо горчливиот рецепт што тие го предложија и го изгласаа во Народното собрание, да биде предложен друг, кој драстично поразлично и, можеби, поблаго ќе влијае на сетилото за вкус. Така, протежето на Борисов, и најверојатно идниот прв човек на ГЕРБ, Даниел Митов, денеска ќе крикне дека консензусот околу преписот за тортата „Македонија’ не смее да биде скршен.
Иако не се знае што и од какви состојки ќе биде направена, впечаток е дека некаква понадица ќе биде смешана и испечена за на подготвената маса во Скопје. Очекувањата на македонските гурмани се дека таа ќе биде без историски потврдено нетолерантниот „глутен“, каква што досега се принесуваше. Дали ќе биде таква, сега зависи само од софиските слаткари. Наместо „френска селска“, нека испечат „наша европска“.