Само во септември 2023 година, според него, бројот на новородени деца е помал за 13 проценти споредено со истиот месец минатата 2022 година, која, како што посочи, е најлошата демографска година во историјата на земјава
Македонија се соочува со демографска катастрофа, посочи денеска на прес-конференција членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев.

Правејќи споредба на податоци за новородени бебиња во третиот квартал во 2016 година и бебињата родени во истиот квартал од оваа година, Ѓорчев рече дека заклучокот до кој се доаѓа е пад на наталитетот од 30 проценти.
„Падот од 2016 третиот квартал е од 6 300 родени бебиња, на 4 400 родени бебиња (во третиот квартал 2023). Тоа е фрапантен пад од 92 школски паралелки само во период од девет месеци. Тоа е ужасна бројка, која значи празни училишта, празни улици, празни градови, празни села, празна Македонија. Тоа значи дека државата ни останува без народ“,
вели Ѓорчев.
Само во септември 2023 година, според него, бројот на новородени деца е помал за 13 проценти споредено со истиот месец минатата 2022 година, која, како што посочи, е најлошата демографска година во историјата на земјава.
„Е, сега, на таа најлоша 2022 година само во септември (оваа година) имаме пад од 13 проценти. Значи од 1 620 на 1 400 родени бебиња. Тоа значи дека само во еден месец сме изгубиле 11 паралелки“,
рече Ѓорчев.
Според членот на Извршниот комитет на најголемата опозициска партија, станува збор за фрапантни бројки коишто ги засегаат сите региони, градови и општини во Македонија.
„Ова се бројки кои кажуваат дека Македонија нема да има потрошувачи, дека општините нема да имаат луѓе, дека училиштата нема да имаат ученици, дека градинките нема да имаат деца, дека фирмите и стопанството нема да имаат потрошувачи“,
предупредува Ѓорчев.
Тој за ваквата состојба ја обвини власта.
„Тоа значи дека со овие катастрофални политики на Димитар Ковачевски, на Стево Пендаровски и нивните министри од ДУИ, Македонија буквално ја снемува“,
рече Ѓорчев.