Официјални претставници на Европската унија вчера потенцираа дека отворањето на мостот на Ибар за сообраќај, треба да биде прашање во рамките на дијалогот меѓу Косово и Србија

Американскиот амбасадор на Косово, Џефри Ховениер, соопшти дека земјите од таканаречената група Квинта, во консултација со НАТО, не поддржуваат никаква промена на сегашниот статус на мостот на реката Ибар, кој ги поврзува двата дела на поделениот град Митровица – јужниот населен со мнозинсство Албанци и северниот населен со мнозинство Срби.
Ховениер го соопшти ова по денешната средба на амбасадорите на Квинта и на ЕУ во Приштина со косовскиот премиер, Албин Курти.
„Ние, претставниците на Франција, Германија, Италија, Велика Британија, САД, заедно со амбасадорот на ЕУ во Приштина, се сретнавме со премиерот Курти за да го информираме дека нашите влади во консултација со НАТО не можат да поддржат каква било промена на сегашниот статус на мостот во Митровица“,
изјави Ховениер.
Средбата доаѓа по најавите на косовската влада за отворање на мостот и за возила, освен за пешаци, како што функционира сега.
Официјални претставници на Европската унија вчера потенцираа дека отворањето на мостот на Ибар за сообраќај, треба да биде прашање во рамките на дијалогот меѓу Косово и Србија.
Потоа реагираше косовската претседателка, Вјоса Османи, која рече дека прашањето за мостот никако не треба да биде тема на дијалог со Србија, оценувајќи дека со тоа би се нарушил суверенитетот, територијалниот интегритет и уставноста на Косово и дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ нема зошто да се прашува.
Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, вчера порача дека „избегнувањето еднострани дејствија претставува обврска за страните“ во дијалогот.