„Украинци! Сите ваши лични податоци се избришани и не може да се обноват. Сите информации за вас станаа јавни, плашете се и очекувајте го најлошото. Ова е за вашето минато, сегашност и иднина“, стои во пораката на хакерите објавена на интернет-страницата на украинското МНР

Неколку клучни веб-страници на украинската влада синоќа беа под голем хакерски напад, објавија украинските власти, а шефот на европската дипломатија Жозеп Борел рече дека Европската Унија ги мобилизира сите свои средства за да му помогне на Киев.
„Свикавме итен состанок на амбасадорите на политичкиот и безбедносен комитет на ЕУ за да видиме како можеме да дејствуваме и каква техничка помош да ѝ пружиме на Украина“,
рече Борел.
Од Министерството за надворешни работи на Украина соопштија дека како резултат на масовниот кибернапад веб-страниците на Министерството и на голем број други владини агенции се привремено неактивни. Оттаму велат дека сѐ уште е рано за заклучоци додека трае истрагата, но посочуваат дека и во минатото имале вакви и слични напади што доаѓале од Русија.
Од Министерството за образование, пак, на Фејсбук напишаа дека веб-страницата е нефункционална поради „глобален напад“ што се случил во ноќните часови.
Засега за нападот никој не презеде одговорност, а Киев не кажа кој би можел да биде одговорен.
„Нашите експерти веќе работат на враќање на работата на ИТ-системот, а полицијата отвори истрага“,
соопшти тамошното МНР.
Претходно на веб-страницата на Министерството за надворешни работи беше објавена порака на украински, руски и полски јазик.
„Украинци! Сите ваши лични податоци се избришани и не може да се обноват. Сите информации за вас станаа јавни, плашете се и очекувајте го најлошото. Ова е за вашето минато, сегашност и иднина“,
беше напишано на интернет-страницата.
Министерството за образование објави дека властите – вклучително и безбедносната служба на СБУ и полицијата – работат на решавање на овој проблем, пренесува РТ.
Руските хакери поврзани со Москва во минатото постојано беа обвинувани за напади врз веб-страниците и инфраструктурата на украинската влада.
За потсетување, во 2020 година Соединетите Држави обвинија шест Руси дека извршиле кибернапади врз електричната мрежа на Украина, попречување на француските избори во 2017 година, како и на Зимските олимписки игри во 2018 година.
Нападот доаѓа во време додека тензиите меѓу Русија и Западот растат поради Украина, поранешна советска република и близок сојузник на САД и Европа.
Оваа недела САД и сојузниците одржаа разговори со Русија во обид да ги намалат тензиите, но сите три рунди разговори – во Женева, Брисел и Виена – се покажаа како неуспешни.
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, во четвртокот рече дека Москва не гледа причина да одржи нова рунда разговори со Западот.