Велика Британија постави историски национален рекорд во јули кога температурите првпат надминаа 40 степени
Рекордниот топлотен бран што ја погоди Европа оваа година ќе стане „просечно“ лето до 2035 година, дури и ако сите земји ги намалат емисиите на стакленички гасови, онолку колку што ветија, покажа новото истражување за климатските промени.
Истражувањето, спроведено од Британската метеоролошка канцеларија, а нарачано од Националната советодавна група за климатски кризи (ЦЦАГ), анализираше колку брзо се менуваат температурите низ регионот користејќи историски податоци за средните летни температури од 1850 година и ги споредуваше со моделите за предвидувања.
Гледајќи долгорочно, анализата покажа дека просечно во лето во Централна Европа до 2100 година ќе биде четири Целзиусови степени потопло отколку во прединдустриската ера.
Научниците предупредуваат дека сега е јасно дека топлотните бранови носат „отпечатоци“ на климатските промени предизвикани од човековите активности и од согорувањето фосилни горива.
„Овие податоци служат како итно предупредување дека е неопходно земјите да одат многу подалеку од нивните национално определени придонеси ветени со Парискиот договор, кој има за цел да го ограничи глобалното затоплување на под 1,5 степен“,
се вели во соопштение ЦЦАГ, пренесува Си-ен-ен.
Национално определените придонеси, или НДЦ, се планираните намалувања на емисиите на секоја земја за да се исполни целта на Парискиот договор од 2015 година за ограничување на глобалното затоплување на два или 1,5 степен.
Велика Британија постави историски национален рекорд во јули кога температурите првпат надминаа 40 степени.
Други рекорди беа поставени во делови од Шпанија, Португалија и Франција, земји кои беа најтешко погодени од пожари, бидејќи топлината и сушата ги оставија шумите и зелените површини целосно суви.
„По топлотниот бран во Европа во 2003 година, за кој се проценува дека однесе над 70 000 животи, предвидов дека таквите температури, кои беа исклучок во тоа време, ќе станат норма доколку емисиите продолжат со истото темпо. Тоа предвидување сега се оствари. Опасноста од екстремните временски услови, кои вклучуваат пожари, суши и поплави, ќе продолжи да расте многу брзо освен ако емисиите на гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина значително не се намалат“,
изјави Питер Скот од Британската метеоролошка канцеларија.
Новите податоци се објавени нешто повеќе од два месеци пред Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени (ЦОП27) во Египет.
Минатата година земјите се согласија да ги усогласат своите планови за емисии со цел да го ограничат глобалното затоплување на 1,5 степен до крајот на Конференцијата ЦОП27.
Минатогодишната анализа на „Клајмат екшн тракер“ покажа дека ниту една од најголемите светски економии – вклучително и Г-20 – нема план што ги исполнува обврските од Парискиот договор.
Некои земји оттогаш поставија поамбициозни планови.
За да се спречи глобалното затоплување, ЦЦАГ ги повика земјите да ги намалат емисиите итно и значително, како и да ги отстранат јаглерод диоксидот и другите стакленички гасови од атмосферата.