Костадиновски беше грабнат со автомобил и однесен на непознато место, а по грабнувањето, велат од обвинителството, преку пораки на мобилен од непознат испраќач, членови на семејството и блиски лица на киднапираниот добивале пораки со барање да се уплатат пари за наводна преземената, а неплатена дрога
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе обвинение против две лица за случајот со грабнувањето на Самоил Костадиновски, внук на политичарот и лидер на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.
Едно од лицата е осомничено за делото грабнување, а второто за помагање. Во истрагата опфатено е уште едно лице кое е во бегство, но постапката за него привремено е прекината до негово пронаоѓање и приведување.
Во соопштението кое го објави ОЈО Скопје, се наведува дека причината за киднапирањето е да го натераат Костадиновски да плати за 4 килограми хероин.
„На 3 март, на улицата ’Христо Татарчев‘, првообвинетиот, заедно со лицето кое се наоѓа во бегство и други непознати лица, извршиле грабнување на едно лице, со закана дека ќе го лишат од живот. Намерата им била да го натераат оштетениот да плати претходно украдена наркотична дрога – хероин во количина од 4 килограми“,
велат од Обвинителството.
Тие го грабнале со автомобил „волво В40“ кој им го обезбедил второосомничениот што со обвинението се товари за помагање. Ова возило, потоа било запалено во Драчево со цел да се прекријат трагите.
„Со возилото обвинетите го однеле оштетениот на непознато место спротивно на неговата волја. Во следните неколку дена, преку пораки на мобилни апликации од непознати испраќачи, членови на семејството и блиски лица на оштетениот добивале пораки со барање за уплата на средства за наводно преземена, а неисплатена наркотична дрога“,
велат од Обвинителството.
Со поднесувањето на обвинението, се бара од Основниот кривичен суд Скопје да го продолжи притворот за првоосомничениот, додека за помагачот се предлага куќен притвор.
По повеќе од 6 месеци од настанот, нема официјални информации каде се наоѓа Самоил Костадиновски.