„Секако, тоа е суверена одлука што треба да ја донесе земјата, но штом ќе се донесе таквата одлука веќе преминуваме кон следниот чекор, што значи дека земјата продолжува да се движи напред на патот кон ЕУ што, пак, значи дека нема има други дополнителни одлуки што треба да се носат понатаму“, изјави евроамбасадорот Гир одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Општина Шуто Оризари
Носењето на уставните измени е суверена одлука на С Македонија, но штом таа биде донесена тоа автоматски ќе значи придвижување на земјата напред на патот кон Европската Унија, без други дополнителни одлуки што би се носеле во иднина, вели евроамбасадорот Дејвид Гир.
Дали уставните измени ќе бидат донесени или не, според шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава е исклучиво во рацете на Собранието и на никој друг.
„Прашањето на уставните измени произлезе како дел од билатералниот договор со Бугарија и, како што е веќе познато, тоа прашање беше дел од договорот што беше постигнат во јули 2022 година. И токму тој договор ја отвори можноста Република Северна Македонија да може решително да се придвижи на нејзиниот европски пат со отворање на пристапните преговори, на што како резултата го имавме и отворањето на скрининг-процесот. Се разбира дека следниот чекор во овој процес зависи од уставните измени и тоа е прашање кое е во рацете на самата земја, во рацете на Собранието и на никој друг. Секако, тоа е суверена одлука што треба да ја донесе земјата, но штом ќе се донесе таквата одлука веќе преминуваме кон следниот чекор, што значи дека земјата продолжува да се движи напред на патот кон ЕУ што, пак, значи дека нема има други дополнителни одлуки што треба да се носат понатаму“,
изјави евроамбасадорот Гир одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Општина Шуто Оризари.
Тој, надоврзувајќи се прашањето од новинарите, посочи дека живееме во исклучителни и трагични времиња поради руската агресија во Украина кои, пак, од друга страна дадоа нов моментум во сферата на проширувањето на ЕУ создавајќи можност земјите кандидати побрзо да се движат на нивниот евроинтегративен пат.
Евроамбасадорот изрази оптимизам дека уставните амандмани ќе бидат усвоени што поскоро, за да може, како што рече, земјата конечно да се придвижи напред.
„Затоа што јас силно веруваме дека местото на оваа земја е во Европската Унија и сакаме да ни се придружите што е можно побрзо додека ги имплементирате сите реформи што се потребни за полноправно членство во Европската Унија“,
рече Гир.
Во моментов за ова прашање нема консензус меѓу политичките актери од власта и опозицијата бидејќи ВМРО-ДПМНЕ и натаму останува на цврстиот став дека нема да гласа за промена на Уставот под бугарски диктат.
Прашан за став во врска со барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за одржување на претседателските и парламентарните избори во ист термин и што доколку нема цензус на претседателските избори, евроамбасадорот Гир рече дека станува збор за прашање кое што во целост ги засега самите политички партии и Владата.
„Се разбира дека изборите треба да се случат кога Владата и другите ќе се договорат за датумот на самите избори“,
изјави Гир.
Во врска со скрининг-процесот, кој е во завршна фаза, евроамбасадорот Гир рече дека има само пофални зборови за посветената работа на владините претставници во овој процес.
„Што се однесува на скрининг-процесот, можам да кажам само пофални зборови и да го поздравам ангажманот и посветената работа на владините претставниците. Мислам дека нивната работа досега беше многу добра и како што се приближуваме до крајот на тој процес мислам дека таа работа е многу позитивна“,
изјави Гир.