Евроамбасадорот појасни дека се работи за советодавна група, која треба да помогне во изнаоѓање на начините на кои Европската Унија може да одговори на прашањата за професионализмот, интегритетот и независноста на Судскиот совет, за ова тело да може во иднина да ја врши својата работа во духот на овие вредности
По низата скандали и превирања изминатите неколку месеци, Европската Унија (ЕУ) испраќа оценска мисија во Северна Македонија за работата на Судскиот совет. Ова го најави евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир, во интервјуто за „Топ тема“ што ќе се емитува вечерва на ТВ Телма.
Евроамбасадорот појасни дека се работи за советодавна група, која треба да помогне во изнаоѓање на начините на кои Европската Унија може да одговори на прашањата за професионализмот, интегритетот и независноста на Судскиот совет, за ова тело да може во иднина да ја врши својата работа во духот на овие вредности.
„Ги следиме случувањата во Судскиот совет одблиску и со голема загриженост. Судскиот совет треба да игра многу значајна улога – да ја штити и промовира независноста, професионализмот и интегритетот на судството. Јасно е дека не го прави тоа. И она што го видовме неодамна е навистина многу загрижувачки“,
вели Гир во интервјуто за ТВ Телма.
Евроамбасадорот додаде дека состојбата во ова тело е дотолку загрижувачка што Европската Унија ѝ предложила на Владата во земјава да распореди оценска мисија на високо ниво во Судскиот совет.
„Се надевам дека ќе може тоа да го направиме набрзо бидејќи состојбата во ова тело мора да се поправи. Тоа покажува колку внимание ние посветуваме на владеењето на правото и колку важна ја сметаме улогата на Судскиот совет“,
одговори Гир на прашањето за случувањата во Судскиот совет.
Судскиот совет изминатиов период се соочува со низа критики од домашниот, но и од меѓународниот фактор, кои ескалираа со контроверзното разрешување на претседателката Весна Дамева, кое беше покренато од група членови во Советот, а кое предизвика сериозна загриженост за независноста на судството во земјава.