Првиот вицепремиер вели дека целиот вчерашен настан на вселување во новите простории на министерството што тој го предводи бил организиран во согласност со протоколите за заштита од ковид-19, а дека фотографијата што ја објави Османи е „само момент“
Функционерите на ДУИ, кои вчера го прославија роденденот на партискиот лидер Али Ахмети во новите простории на Министерството за политички систем, само за кратко ги тргнале маските за да се фотографираат, според објаснувањето на првиот вицепремиер Артан Груби.
Во изјава за „360 степени“, Груби вели дека целиот вчерашен настан на вселување во новите простории на министерството што тој го предводи бил организиран согласно протоколите за заштита од ковид-19, а дека фотографијата што ја објави шефот на дипломатијата Бујар Османи е, како што вели, само момент од изненадувањето што сопартијците му го приредија на Ахмети.
„Настанот се организира на првиот работен ден во новата година и според протоколите. Сликата што ја објави Османи беше само еден момент – за заедничка фотографија, при мало изненадување што колега го приреди за господинот Ахмети, слично како и минатата година во Собранието, искористувајќи го неговото присуство. Протоколите првенствено ги почитуваме за нашето лично здравје и за нашите семејства, како и за граѓаните“,
ни изјави Груби.
Тој ни испрати и фотографии од вчерашниот настан, како потврда дека се почитувале протоколите, односно дека сите присутни функционери, меѓу кои беше и премиерот Зоран Заев, носеле маски.

Лидерот на ДУИ вчера го прослави 62. роденден, а сопартијците го искористија неговото присуство во новите простории на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците за да му приредат мала забава. Вечерта, министерот Османи, инаку лекар по професија и некогашен министер за здравство, на својот фејсбук-профил, објави фотографија на која петнаесетина државни функционери од ДУИ го слават роденденот, сите собрани на една маса и без маски.
Фотографијата, која предизвика многу негативни реакции во јавноста, поради прекршувањето на протоколите за заштита од ковид-19, веќе не е на фејсбук-профилот на Османи.
Актуелниот министер за надворешни работи, исто така, го прашавме дали стравува дека може да произлезе кластер од вчерашното групирање за одбележување на роденденот на Ахмети, ама досега не добивме одговор.
Покрај Ахмети, Груби и Османи, на фотографијата што беше објавена може да се забележат и претседателот на парламентот Талат Џафери, кој набрзо по изборите на 15 јули беше хоспитализиран на Инфективната клиника, како сомнителен на ковид-19, како и министрите Фатмир Бесими и Насер Нуредини, пратеникот Арбер Адеми…