Пратеникот во Бундестагот од редовите на партијата ЦДУ во вчерашното интервју за ТВ Сител рече дека со сигурност знае дека ВМРО-ДПМНЕ сака да се измени Уставот, но и дека имаат аргументи и причини зошто велат не сега, а тоа, како што посочи, е поради процедурите за негова промена, но и поради однесувањето на Бугарија и некои од нејзините највисоки претставници
Пратеникот во германскиот парламент Питер Бејер, кој е од редовите на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, во фејсбук-објава се дообјаснува за интервјуто што вчера го даде за ТВ Сител.
Откако синоќа на Сител рече дека со сигурност знае дека ВМРО-ДПМНЕ сака да се измени Уставот, денеска вели оти рекол дека е подобро уставните измени да се случат што поскоро и дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ на оваа тема е познат.

„За време на мојата посета на Скопје дадов интервју за ТВ Сител во кое истакнав дека уставните измени е подобро да се направат порано отколку подоцна. Но, го посочив и моето целосно разбирање за загриженоста што ВМРО-ДПМНЕ и македонските граѓани ја имаат за ова прашање. Ставот на сестринската партија на ЕПП, ВМРО-ДПМНЕ, е веќе јавно добро познат и препознаен. Фокусот на земјата на нејзиниот европски пат треба да биде насочен кон предизвиците и загриженоста што оваа година ги истакна Извештајот на ЕУ за напредокот на државата“,
напиша Бејер.
Во вчерашното интервју на Сител, Бејер рече дека со сигурност знае дека ВМРО-ДПМНЕ сака да се измени Уставот, но и дека имаат аргументи и причини зошто велат не сега, а тоа, како што посочи, е поради процедурите за негова промена, но, исто така, и поради однесувањето на Бугарија и некои од нејзините највисоки претставници.
Во интервјуто, прашан како гледа на обвинувањата кон ВМРО-ДПМНЕ од политичките ривали дека е главниот фактор кој ги блокира уставните измени од кои зависи продолжувањето на евроинтегративниот пат на земјава, Бејер рече дека има разбирање за дејствувањето на ВМРО-ДПМНЕ, притоа посочувајќи оти нема сомнеж дека позициите на партијата се проевропски.
„ВМРО-ДПМНЕ, како што споменавте, е критикувана, но јас не сум бил сведок висок преставник на оваа партија да каже нешто јавно против Европската Унија. Напротив, од сите разговори кои ги имам во изминативе години сум бил сведок на многу проевропски позиции и знам со сигурност дека тие сакаат да се измени Уставот, но имаат аргументи и причини зошто велат не сега, поради процедурите за измена на Уставот, но исто така, и поради однесувањето на Бугарија и некои од нејзините највисоки претставници. Имам силно разбирање за тоа зошто ВМРО-ДПМНЕ дејствуваше како што дејствуваше и тие добиваат силна поддршка од големо мнозинство од Македонците кои прашањето го гледаат на истиот начин и затоа добиваат силна поддршка и во оваа кампања за претстојните избори“,
рече Бејер.
По изборите, ако победат и формираат влада или која било друга влада, германскиот пратеник вели дека ќе мора да се реши со ова прашање. Неговите очекувања се следната влада да биде проевропска и да ги спроведе уставните измени не следната, туку пред крајот на оваа година.
Прашан дали меѓународната заедница ги разбира и прифаќа аргументите на ВМРО-ДПМНЕ во врска со уставните измени, пратеникот во германскиот Бундестаг вели дека, според него, она што треба да го направи ВМРО-ДПМНЕ е да воспостави кредибилитет дека стојат зад уставните измени веднаш штом формираат влада.
„Подолг период претставници на оваа партија патуваат низ ЕУ и зборуваат, исто така, и со Амерканците, кои секогаш играат улога кога станува збор за овој регион. Имавме многу состаноци со нив во Брисел и Берлин и тие објаснија кој е нивниот наратив и аргументи, јас и останатите можевме да ја сфатиме логиката. Така што, мислам да, проевропски се, но сметам дека треба да ги зголемат напорите за воспоставување кредибилитет во смисла на тоа дека стојат зад уставните измени веднаш штом формираат нова влада“,
рече тој.
Бејер беше во посета на земјава, меѓу другото, и за да ја даде својата поддршка за сестринската партија на ЦДУ во пресрет на претседателските и парламентарните избори.
Од ВМРО-ДПМНЕ вчера соопштија дека тој имал средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на која било разговарано за изборите и за актуелните состојби во земјава.