Прашањето за визите го покренаа Финска и Естонија, а се очекува да се најде и на дневен ред на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ на 31 август
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека Берлин нема да го поддржи барањето на неколку европски земји, членките на ЕУ да престанат да издаваат туристички визи за руските граѓани и на тој начин да извршат уште еден притисок за запирање на агресијата на Украина.
Финска и Естонија неодамна истакнаа дека Русите не треба да можат да летуваат во Европа додека Москва е во војна во Украина.
„Ова не е војна на рускиот народ. Тоа е војна на Путин и мораме да бидеме многу јасни за тоа“,
рече Шолц.
На прес-конференција на маргините на еднодневната средба на петте нордиски лидери во Осло, тој рече дека е важно да се разбере дека има многу луѓе кои бегаат од Русија, бидејќи не се согласуваат со рускиот режим.
„Сите одлуки што ги носиме во рамките на ЕУ не треба да го отежнуваат бегството до слобода, напуштањето на земјата“,
рече Шолц.
Чешка, која претседава со ЕУ, соопшти дека забраната за издавање визи за сите граѓани на Русија на ниво на Европската унија би можела да биде следна во низата санкции што Унијата ги воведе кон Москва поради руската инвазија на Украина.
Прашањето за визите се очекува да биде покренато на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ на 31 август.
Финската премиерка Сана Марин, која ја поддржува забраната, рече дека тоа е прашање за кое „треба да се разговара“.
„Не е во прашање црно или бело, има нијанси“,
рече таа.