Германскиот амбасадор во земјава е оптимист дека е можен датум во март. На изборите очекува кампања која нема да биде ориентирана на суштината, а за „бомбите“ вели дека не се толку силни за некој да се исплаши
Се надевам дека изборната кампања ќе има содржини, а не само меѓусебни партиски обвинувања, вели германскиот амбасадор Томас Герберих во интервју за „Слободен печат“, кој оценува дека кампањата нема да биде валкана, туку премалку ориентирана кон суштината.
„Секоја страна ја посочува другата како криминална, се зборува за ‘бомби’, но кога тие ќе ‘експлодираат’, не се толку силни за да мора да постои страв од нив. Би било важно за гласачите да знаат каква програма имаат партиите, во која насока сакаат да ја водат земјата во иднина, во интерес на граѓаните на земјата. Кога тоа би се случило, мислам дека многу повеќе гласачи би излегле на изборите“, вели Герберих.
Негово мислење е дека подобро ќе беше изборите да беа регуларни, наместо предвремени бидејќи тоа е одреден фактор на стабилност.
Во врска со Законот за јавно обвинителство, Герберих вели дека начелно нови закони не носат повеќе правда, туку шансите за зголемена правда и борба против корупцијата зависат од разумното имплементирање на законите.
Не гледа можност за неказнивост или амнестија на политичари од власта во новиот Закон ако тој се имплементира така како што е напишан. Според него, најважно е случаите што беа започнати од СЈО и што сега ќе преминат кај Јавното обвинителство, да имаат разумна или некаква разрешница, односно, како што вели амбасадорот, „тие што се виновни конечно да одговараат за сторените дела, а политичарите да покажат дека навистина се сериозни во своите намери“.
„Законот за Јавно обвинителство од некои земји членки на ЕУ беше поставен како предуслов за започнување пристапни преговори, во областа на реформите во правосудството и добро е што овој закон се изгласа, но самиот тој нема да користи ако не се имплементира разумно. Тоа за мене значи дека случаите што ги започна или со кои се занимаваше СЈО, ќе бидат продолжени од регуларното ЈО и ќе имаат разумен крај, разумен резултат и дека луѓето што погрешиле, конечно ќе бидат казнети. Тоа мора да биде јасен сигнал до граѓаните дека политичарите се сериозни во однос на ова“, вели германскиот амбасадор во земјава.
Герберих смета дека нема причина да се одолговлекува одлуката за датум за почеток на преговорите, со образложение дека би влијаела на избори.
„Не, не гледам на тоа како на мешање во изборите. Тоа се два различни процеса. Одржувањето на изборите сега е одлука на парламентот, на Владата, тие суверено одлучија, тоа не е работа во која треба да се мешаат други држави. Тоа беше суверена одлука на земјата. Процесот за започнување пристапни преговори со ЕУ, пак, тече веќе 15 години. Тоа значи дека тие не се меѓусебно поврзани. И опозицијата и Владата секогаш уверуваа дека двете си посакуваат земјата наскоро да влезе во ЕУ. И во интерес на опозицијата треба да е колку што е можно поскоро да се добие датум за почнување на пристапни преговори, бидејќи Северна Македонија предолго чекаше на тоа. Колку поскоро се случи, толку подобро. Започнувањето на пристапни преговори е инструмент што може да го користат двете страни, ЕУ за да ја оправда својата одговорност, а Владата конечно може конкретно да продолжи со реформите“,
одговара германскиот амбасадор на прашањето дали доколку ЕУ одреди датум, тоа ќе биде мешање во изборите, како што според „Слободен печат“ тврди опозицијата.
Во врска со реакциите на земјите-членки околу новата методологија и колкави се шансите датумот да се добие во март, Геберих изјави дека нема конечна информација, но додаде дека разговорите во ЕУ одат во добра насока.
„Методологијата е прифатена од сите земји-членки и задоволна е и француската страна, така што можеме да се придвижиме натаму. Патот е слободен за можно брзо почнување преговори со земјата. Јас сум оптимист дека во март би можело да функционира тоа ако сите се согласни. Ние го поддржуваме тоа“, додаде Герберих.