„Апелирам Град Скопје и градоначалничката Арсовска да ги преземат сериозно своите обврски и да ја исполнат својата улога во одржувањето на чистотата во Општина, на јавните површини каде што тие имаат надлежност“, порача градоначалникот на Општина Центар
Откако пред два дена ја прозва администрацијата на Град Скопје за наталожениот смет на улиците под надлежност на Градот и ја повика да си ја врши работата, градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, денеска информира дека ѓубрето го собрале екипи од Општината наместо тоа да го сторат надлежните.

„Апелирам Град Скопје и градоначалничката Арсовска да ги преземат сериозно своите обврски и да ја исполнат својата улога во одржувањето на чистотата во Општина, на јавните површини каде што тие имаат надлежност“,
пишува Герасимовски во објава на Фејсбук.
Вели дека од утринава е спроведена голема акција за чистење на Центар, во која во текот на оваа недела секојдневно ќе бидат вклучени 120 хигиеничари.
„Вчера веднаш се мобилизиравме и еве утрово спроведуваме голема акција за чистење на нашата општина. Ја исчистивме населбата Маџир Маало каде што надлежност има Градот Скопје. Тука долго време сметот не беше тргнат. Во акцијата е вклучена целата механизација со цистерна за миење на улиците, две метларки за поефикасно чистење на улиците и камион за собирање на смет“,
додава градоначалникот на Центар.
Градоначалникот на Општина Центар во понеделникот упати повик до администрацијата на Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска да го исчистат сметот од улиците на општината, за кои е надлежен Градот. Тој во објава на Фејсбук сподели фотографии од улици во скопски Центар, кои се преплавени со ѓубре.