Грчиот министер за надворешни работи оцени дека Европската Унија ќе мора да биде присутна во големите кризи и ќе мора да биде способна со еден глас да одговори на големите прашања
Грција отсекогаш го поддржува европскиот пат на Турција, тоа е во интерес и на Европската Унија и на стабилноста во поширокиот регион на источниот Медитеран, порача денеска министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, пред почетокот на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на ЕУ.
Според него, Турција треба да ги препознае високо чувствителните прашања за земјите-членки на Унијата, односно „треба да постојат опипливи докази за нејзината посветеност да се продолжи дијалогот за кипарското прашање врз основа на одлуките на Советот за безбедност на Обединетите нации“.
„Односите меѓу Грција и Турција во последниот период се подобрени. Тоа е неопходен услов за напредок на евро-турските односи. Од друга страна, Турција треба постојано да ја демонстрира својата подготвеност за подобрување на евро-турските односи, секогаш придржувајќи се до одредниците на европското законодавство“,
рече Герапетритис.
Грчиот министер за надворешни работи оцени дека Европската Унија ќе мора да биде присутна во големите кризи и ќе мора да биде способна со еден глас да одговори на големите прашања.