Од владејачката партија велат дека токму преку судијата Наќе Георгиев и членот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети, се гледа корумпираноста на судскиот систем
Правната разрешница на случаите со врховниот судија Наќе Георгиев и поранешниот заменик-претседател на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети, кои признаа вина за поткуп во постапката што се води против поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев, за кои Георгиев доби тригодишна затворска казна, а Мемети условна, е пример за тоа зошто е потребно Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да бидат распуштени, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму прашуваат какви се постапките кои овие двајца корумпирани функционери ги влечеле и уште колку неправди нанеле имајќи предвид дека едниот, според ВМРО-ДПМНЕ, е близок со Зоран Заев и Венко Филипче, а другиот со Али Ахмети.
„Корумпираноста која ја гледаме преку Наќе Георгиев и Иџет Мемети е причината зошто е потребно распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, само така ќе се врати вербата на народот во судството“,
соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, врховниот судија Наке Георгиев призна дека примил мито и се спогодил со Обвинителството да добие затворска казна од три години, а исто толку време ќе има забрана за вршење на професијата, соопшти вчера Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Оттаму велат дека потпишувајќи ја предлог-спогодбата осомничениот не спори дека го сторил кривичното дело и, имајќи ја предвид одредената затворска казна од една до десет години, прифатил да одлежи затвор, како и да му се забрани вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од три години.
Во казната ќе му се засмета и времето поминато во притвор и тој веднаш ќе биде однесен во затвор. Ќе ги врати и парите од поткупот.
„Предметниот обвинител имајќи ги предвид степенот на кривичната одговорност, побудите од кои е сторено делото, јачината на загрозувањето на заштитното добро, како и поранешниот живот на сторителот и неговите лични прилики ценеше дека за кривичното дело што му се става на товар со одмерената единствена казна затвор во траење од три години, ќе се остварат целите на казнувањето во поглед на специјалната и генерална превенција предвидени во чл. 39 од Кривичниот законик. Во казната ќе му се засмета и времето поминато во притвор и истиот веднаш ќе биде упатен на издржување на казната затвор… Дополнително, криминалистички обработените банкноти што беа пронајдени во ПМВ на осомничениот ќе бидат вратени на сведокот, а останатите 5 000 евра ќе бидат конфискувани во корист на Буџетот на РСМ како стекната имотна корист од кривично дело”,
велат од ОЈО ГОКК.
Судијата Георгиев е првоосомничен за поткуп во постапката што се води против поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев, кој, пак, беше уапсен со поголема група поради шверц на марихуана.
Врховниот судија на синот на Стојчев му ветувал интервенција во кривична постапка за неговиот татко и за почеток му зел 5 000 евра во неговиот дом во Струмица. На средбата врховниот судија му ветувал на синот на Стојчев дека ќе се обиде да издејствува татко му да добие минимална затворска казна од три години.
Потоа, пак, кажал дека со Иџет Мемети од Советот за јавни обвинители наводно ќе интервенираат да се спроведе постапка за спогодување и барал 30 000 евра награда.
Подоцна, Георгиев тврдел дека на Боро Стојчев ќе му биде предложена утврдена казна затвор од пет години, како минимална казна за предметното кривично дело, напоменувајќи му на неговиот син дека доколку не се интервенира, татко му ќе добие многу поголема затворска казна и дека за целото времетраење на постапката ќе му биде продолжувана мерката притвор.
Ветувал и реално влијание, погодности за Боро Стојчев, како и условен отпуст од затвор. На крај паднал договор за вкупен поткуп од 20 000 евра.
Пред два дена, и второосомничениот за овој случај, Иџет Мемети од Советот на јавни обвинители, си поднесе оставка, призна вина и се спогоди со Обвинителството за условна казна.
Според Обвинителството, Мемети по претходен договор со Георгиев во текот на април и мај годинава, преку врховниот судија, му пренел на синот на Стојчев дека наводно интеревенирал да не се поднесе обвинителен акт во случај со неговиот татко, туку да се склучи предлог-спогодба.
Георгиев и Mемети комуницирале преку апликацијата Вацап (Whatsapp), а членот на Советот на јавни обвинители не знаел дека тие разговори ги слуша и синот на Стојчев.