Од Министерството за внатрешни работи доцна вечерва соопштија дека пожарот е локализиран, односно спречено е негово ширење кон ветерниците во близина, но сè уште не е изгаснат. Хеликоптерот на Министерството кој учествувал во акцијата исфрлил 17 тони вода
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов, исто така, доцна вечерва информираше дека тимовите на повеќе институции и противпожарни бригади утре околу 6 часот ќе продожат со гаснењето на пожарот. Според него, состојбата не е алармантна, ниту едно населено место не загрозено, а утре дополнително ќе биде проценета потребата од воздухоплови за гаснење на пожарот
Пожарот кој денеска околу 11 часот избувна во месноста Брдаров камен кај Богданци сè уште е активен. Според последните информации, пожарникарите и надлежните се организираат да продолжат со гаснењето утре во раните часови.

Вечерва, како што пренесе ТВ Телма, заседавал кризниот штаб во Богданци.
„Со гаснење ќе продолжиме утре рано, а во текот на ноќта на местото на пожарот ќе останат дежурни екипи. Се надевам дека во текот на утрешниот ден ќе успееме да го ставиме пожарот под контрола и да го изгаснеме“,
изјави за МИА градоначалникот на Општина Богданци, Блаже Шапов.
Од Министерството за внатрешни работи доцна вечерва соопштија дека пожарот е локализиран, односно спречено е негово ширење кон пределот каде се наоѓаат ветерниците. Хеликоптерот на Министерството кој учествувал во акцијата исфрлил 17 тони вода.
„Денеска (03.08.2023) хеликоптерската единица за полициски намени дејствуваше во реонот на Богданци, каде успешно беше локализиран пожарот кој настана околу 11:00 часот кај месноста Брдаров Камен, веднаш до препумпната станица на Хидросистемот „Дојранско Езеро“. Пожарот кај Богданци, во кој биле опожарени околу 500 хектари нискостеблеста шума, го зголемил интензитетот попладнево и покрај интервенцијата на двата ‘Ер трактора’ на ДЗС кои низ повеќе налети и исфрлање вода учествуваа во гасење на пожарот, по што кон локацијата се упати и еден од полициските хеликоптери опремени за гаснење на пожари. Притоа хеликоптерот на МВР исфрли 17 тони вода, пожарот е локализиран, спречено е негово ширење кон пределот каде се поставени ветерниците, но поради смрачување, односно слаба видливост, сѐ уште не е изгаснат“,
се наведува во соопштението на МВР.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов, исто така, доцна вечерва информираше дека тимовите на повеќе институции и противпожарни бригади утре околу 6 часот ќе продожат со гаснењето на пожарот. Според него, состојбата не е алармантна, ниту едно населено место не загрозено, а гори нискостеблеста деградирана шума, грмушки и трева. На помош се повикани пожарникари со теренски возила од Штип и Кавадарци. Утре, според Ангелов, дополнително ќе биде проценета потребата од воздухоплови, иако, како што вели на располагање за утре имаат три авиони „Ер Трактор“, два хеликоптери на МВР и еден на Армијата. Постои можност, додава тој, пожарот да биде локализиран во утринските часови без употреба на леталата.
Авионите „Ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување, како што претходно соопшти директорот на ЦУК, денеска направиле повеќе од 19 прелети, фрлајќи вода врз огнот.
Од тимот за брз одговор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) рекоа дека е изгорена над 500 хектари нискостеблеста шума, но проценките се дека е можно да е опожарена поголема површина.

Пожарот поминал и покрај неколку од ветерниците во Богданци, но не предизвикал штета, потврдил за МИА, градоначалникот на Богданци.