Тој смета дека ова е говор на омраза и говор на човек „кој очигледно се наоѓа во сериозна криза и сложена состојба“

Венко Филипче е срам за неговата партија поради говорот на омраза и неговите срамни навреди за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски, вели пратеникот и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Никола Мицевски.
Изјавата на Мицевски доаѓа откако денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче, критикувајќи го премиерот Христијан Мицкоски дека со неговите политики сè повеќе ја оддалечува земјата од европскиот пат, праша „па може ли таков идиот да е чевекот, комплетен, да нè изолира целосно“.
„Филипче губи контрола, со навреда кон премиерот, го нарече идиот. Ова е срам за македонската политичка сцена, за СДС и за Филипче како нејзин претседател. Вакви срамни навреди кон претседател на Влада не и доликуваат на една опозиција која претендира да биде некогаш власт“,
изјави Мицевски.
Тој смета дека ова е говор на омраза и говор на човек „кој очигледно се наоѓа во сериозна криза и сложена состојба“.
„Филипче манифестира силен страв и остава впечаток дека е притиснат од внатрешни поделби и притисоци“,
рече Мицевски на денешната прес-конференција во Собранието.
Според пратеникот од владејачкото мнозинство, ваквиот речник не му доликува на доктор, професор и политичар, кој е дел од академската заедница.
Мицевски праша која е вистинската причина за нервозата кај лидерот на опозицијата.
Тој отвори прашање дали Филипче презел политички обврски околу спорот со Бугарија кои сега не може да ги исполни, па поради тоа реагира со недолично однесување во јавноста.
„Зошто е толку нервозен и зошто инсистира на капитулација пред Бугарија? Суштината на неговиот денешен испад и недоличното манифестирање и невоспитано однесување, не е во тоа дали Исланд е дел од заедничкиот европски пазар. Прашањето е дали презел политички обврски што сега не може да ги исполни и дали токму тоа е причината за ваквата нервоза“,
рече Мицевски.
Мицевски додаде и дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ го осудуваат говорот на омраза од страна на пратеникот Венко Филипче.
