„Јас мислам дека е многу стратешки, во интерес на нашата држава и сите граѓани, да продолжиме да одиме со тие две нозе – а тоа се Брисел и Вашингтон“, вели претседателот на Собранието во интервју за „360 степени“ на МРТ 1
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, мисли дека „нашите пријатели нема да нè стават во ситуација да избираме“, прашан какво значење имаат за Македонија разликите меѓу новата американска администрација и Европа за важни теми и вредносни прашања на кои сведочиме во изминатите неколку дена.
„Умешно и паметно во 1990-тите години сме определиле јасно и точно која е нашата цел и каде се нашите стратешки цели и дека нашиот од кон развивање на државата и вклучување во меѓународните односи ќе се одвива преку Брисел и Вашингтон – таа евроатлантска оска меѓу ЕУ и НАТО претставени, олицетвроени преку Вашинготн и Брисел. По овие нови настани јас мислам дека нашите пријатели нема да нè стават во ситуација да избираме. И мислам дека во никој случај не треба да се определиме за еден или за друг. Јас мислам дека е многу стратешки, во интерес на нашата држава и сите граѓани, да продолжиме да одиме со тие две нозе – а тоа се Брисел и Вашингтон“,
вели Гаши во интевју за „360 степени“ на МРТ 1.
На новинарска забелешка дека пристапот „Америка на прво место“ е, всушност, политика на изолационизам, Гаши вели дека станува збор за предизборен слоган, но не и за радикална промена на надворешната политика.
„САД ќе продолжат да ги култивираат добрите односи со своите партнери секаде во светот, особено на Балканот и со нас. Така што, ако гледаме низ таа призма, претседателот Трамп веќе има остварено неколку телефонски разговори и посети со Кина и Русија и тоа најавува дека не се работи за изолационизам, туку за друг пристап на решавање на пробелеми“,
посочува претседателот на парламентот.
На прашање дали може да се очекува и од идниот американски амбасадор во земјава да биде активен и гласен, на пример, на теми поврзани со борбата со корупцијата, како што беше случај со претходните амабасадори, Гаши вели дека можеби ќе има ублажување, но не и радикално менување.
360°: САД не се само стратешки партнер на земјава, тие беа еден вид морален и вредносен светилник кон кој тежнеевме. Дилемите се дали сега тоа се губи како референца?
Гаши: Мислам дека не. Убеден сум дека тоа ќе продолжи. Ќе видиме новиот амбасадор кога ќе дојде каков ќе биде пристапот. Сепак, сме многу на почеток, уште нема ни еден месец откакоа тој (Доналд Трамп) е претседател на САД. Убеден сум дека Балканот ќе биде дел од нивниот фокус и пристапот кон нашите земји мислам дека ќе биде конзистентен и ќе продолжи да биде како во минатото.
Во однос на вредносните разлики што се појавуваат меѓу САД и Европа, Гаши коментира:
„Ние треба да бидеме паметни и да не влегуваме во некаква замка како би направиле разлики. Треба да се држиме до нашите вредности што сме ги граделе како држава и како граѓани со овие два главни партнери и мислам дека треба да останеме на тие вреднсоти. Ако некој скршнува од тие вредности, треба да продолжиме, но не гледам таков предизвик. Мислам дека Брисел и Вашингтон нема да не постават пред предизвикот да се одлучиме да продолжиме да одиме со едниот, а без другиот“.