Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ следува по изјавата на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, чие разрешување бара извршната власт, кој рече дека доколку се утврди оти сторил тешка дисциплинска повреда, што е еден од можните услови за неговото разрешување, тогаш самиот ќе се повлече од функцијата
Еден ден откако кажа дека самиот ќе си поднесе оставка доколку се утврди дека направил тешка дисциплинска повреда, владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска го анализира одговорот што државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски вчера го даде во изјава за медиумите, а е во контекст на предлогот за негово разрешување.

Од партијата оценија дека со оваа изјава, Коцевски кажал дека доколку станува збор за направена лесна грешка или пропуст, тој ќе остане на функцијата. Во партиското соопштение испратено до медиумите, од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат зошто според државниот обвинител мал пропуст не е причина за разрешување.
„Кој тоа ќе кажува и суди што е тежок, а што е лесен пропуст? Јавен обвинител не смее да има никаков пропуст ако сака и другите во државава кои треба да ги истражува да немаат никаков пропуст. Зошто тогаш тие со помал пропуст не ги ослободува како обвинител? Зошто според него мал пропуст не е причина за разрешување. Тогаш, мал пропуст, мал прекршок на закон не треба да се санкционира според таа логика“,
велат од владејачката партија.
Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ следува по вчерашната изјава на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, чие разрешување бара извршната власт, кој рече дека смета оти нема направено никаква тешка дисциплинска повреда врз основа на која може да биде разрешен. Сепак, рече дека доколку се утврди дека сторил тешка дисциплинска повреда, што е еден од можните услови за неговото разрешување, тогаш самиот ќе се повлече од функцијата.
