Освен што даде појаснување во врска со својата изјава дадена за косовската телевизија, собранискиот спикер вели дека граѓаните од изјавите за патриотизмот немаат никаква корист и додава „не сме тука за да се натпреваруваме кој е поголем патриот“
Собранискиот претседател Африм Гаши утринава во објава на Фејсбук пишува дека неговата татковина е Северна Македонија, а оти изјавата која ја дал во интервју за косовската радио-телевизија, каде што Косово го атрибуира како татковина, се однесува на родната земја на неговите родители.

„Во однос на прашањето за мојата татковина, свесен сум за обвинувањата и искривувањата од различни медиуми кои се обидуваат да привлечат внимание. Како претседател на Собранието на сите граѓани на Република Северна Македонија, сакам да појаснам дека Африм Гаши е роден во Скопје, каде што работи и живее со своето семејство, а негова татковина е Северна Македонија“,
пишува Гаши во објавата на Фејсбук.
Точната изјава дадена за косовската телевизија, додава Гаши, гласи:
„Косово е родно место или татковина на моите родители и јас го почитувам како такво заради нив.“
Освен што даде појаснување во врска со својата изјава дадена за косовската телевизија, Гаши во објавата на Фејсбук вели дека граѓаните од изјавите за патриотизмот немаат никаква корист и додава „не сме тука за да се натпреваруваме кој е поголем патриот“.
„За мене најважно е преку нашите постапки да покажеме како ја гледаме нашата земја, која е нашата посветеност кон неа, кои се нашите придонеси и да правиме разлика меѓу оние кои ја градат и збогатуваат и оние кои ја уништуваат и крадат“,
додава собранискиот спикер во објавата на Фејсбук.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на нова влада, Христијан Мицкоски, вчера на прес-конференција го повика Гаши да се извини доколку дал изјава во која Косово го нарекува своја татковина.