Одлуката која ја донесе Влада полицискиот час во Куманово да почне вечерва во 21 часот и да трае до 5 часот во понеделник, ги затекна кумановци.
Од Владата одлуката ја соопштија во 17 часот попладне, а жителите на Куманово побрзаа во неколкуте часа што им останаа да купат намирници за да го поминат викендов.

„360 степени“ излезе на терен да ја провери атмосферата во градот непосредно по соопштувањето на одлуката, а сликата покажа дека во повеќето маркети се создаде гужва, па за влез се чекаше и по 40-ина минути.

Граѓаните, пак, коментираа дека иако градските власти десетина дена барале поригорозни мерки, одлуката на Владата ги затекнала, бидејќи им останаа само неколку часа за да пазар сè што им е потребно за време на викендот. Дел од нив стравуваат и дека поради гужвата попладнево може да се заразат уште поголем број на граѓани.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, на социјалните мрежи апелираше кумановци да останат смирени и без паника.
„Дали требаше да се најави, да секако, општинскиот штаб за заштита и спасување тоa го бара уште од 22 март, тоа што поединци целово оваа време неодговорно се однесуваат и не ги почитуваат препораките и мерките на штабот и Владата не доведува сите во сеопшта опасност од пандемија. Треба да сме свесни и дисциплинирани, можеме да издржиме до понеделник, тие што немаат можност да се снабдат со најнеопходното, ќе добијат асистенција овие два дена. Колективното здравје е приоритет број еден. Жалам за сето ова низ што поминуваме сите заедно. Апелирам на смиреност и без паника ќе го надминеме и ова. Целта е да го спречиме ширењето на вирусот, држете дистанца и останете дома“,
апелира Димитриевски до кумановци.
Покрај тоа што полицискиот час ќе трае во текот на целиот викенд, во работните денови тој ќе почнува во 16 часот и ќе завршува наредниот ден во 5 часот.
„За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби. Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи на подрачјето на Општина Куманово“,
соопштија од Владата.
Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата и здравствените работници.

Заострувањето на мерките во Куманово следува откако денеска во овој град беа регистрирани 23 нови случаи на заразени од кои 11 се здравствени работници.
Со денешните, вкупната бројка на заразени со коронавирус во Куманово се искачи на 85.