Преземање на соодветни мерки вклучително и фискални каде што е потребно со цел помагање со борбата против коронавирусот, но и поддршка за светската економија.
Ова денеска го соопштија претставници на централните банки и министрите за финансии од земјите на Г7.
САД, Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија ќе ги искористат сите соодветни политички средства за да постигнат силен одржлив раст и безбедност од ризик од ширење на коронавирус, што предизвикува страв од глобална рецесија.
„Со оглед на потенцијалното влијание на Ковид-19 врз глобалниот раст, ние ја реафирмираме нашата решеност да ги искористиме сите политички средства за да постигнеме силен одржлив раст и заштита од ризик“,
се вели во соопштението од земјите на Г7.
Минатиот месец се случи пад на цените на нафтата на светските пазари како последица на стравувањата на вложувачите од економските последици поради ширењето на коронавирусот и надвор од Кина.
На Лондонската берза цената на нафтата тогаш падна за 4,2 отсто, на 58,16 долари, додека на американскиот пазар барелот во истиот период поевтини за 4,8 отсто, на 51,56 долари.
Иако Кина презеде серија мерки за спречување на ширењето на заразата, од карантини во неколку града до забрани за јавно собирање, не може да се спречи негативниот ефект врз економијата.
Воздухопловните компании ги откажуваа летовите за Кина и надвор од неа, а многу компании привремено го прекинаа работењето со Кина.
Аналитичарите сметаат дека ширењето на коронавирусот, како што своевремено беше случајот со САРС, најмногу ќе ги погоди туризмот и довербата на потрошувачите, па затоа се очекува и пад на потрошувачката и приходите на многу кинески компании.