Во Грција и во Бугарија со денови се води полемика дали било примерно црквата да го продолжи обредот во кој верниците консумираат вино и леб од иста чаша и со иста лажичка
Од Софиската епархија велат: „Светите тајни не можат да бидат преносители на зараза или каква и да е болест, туку се лек за телесно и душевно лекување и здравје“
Верниците што не се плашат и кои имаат вера треба да се причестуваат. Ова е ставот на портпаролот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, господин Тимотеј, откако бугарската и грчката православна црква ги повикаа своите верници да продолжат со светата причест и покрај ситуацијата со коронавирусот.
„Ние ќе препорачаме тој што не се плаши и кој има вера да пристапи, а тој што се плаши да не пристапува. И точка. И ќе им препорачаме на тие што имаат инфлуенца, кивавици, настинки – да се воздржат, она што го препорачуваат и сите медицински препораки, односно Министерството за здравство“
вели господин Тимотеј, портпарол на МПЦ ОА во изјава за „360 степени“.
Според владиката, верниците не треба да се откажат од светата причест и потсетува дека токму болни луѓе доаѓаат да се причестат.
„Никако не можеме да се откажеме. Колку пати болни се причествуваат, па свештеникот на крај ќе ја употреби целата причест. Ако така се заразуваме и ако не веруваме, тогаш не треба да служиме на олтар“,
додава владиката Тимотеј.
Господин Тимотеј потенцира дека Синодот на МПЦ-ОА допрва ќе заседава за ова и ќе одлучи каква ќе биде официјалната препорака за верниците. Засега ова е само негово лично размислување.
Грчката и бугарската црква инсистираат на причест
Во Грција со денови се води полемика дали било примерно црквата да го продолжи обредот во кој верниците консумираат вино и леб од иста чаша и со иста лажичка.
„Тоа не може да биде причина за ширење на болеста“, соопштил Синодот на Грчката православна црква.
Сличен е ставот и на Софиската епархија.
„Секој намерник да пристапи кон света причест со телото и крвта Христови и да не му биде оневозможено поради страв од заразување со коронавирус“, соопшти Софиската епархија.

Напротив, како што се наведува во наредбата, „светите тајни не можат да бидат преносители на зараза или каква и да е болест, туку се лек за телесно и душевно лекување и здравје“, велат од Софиската епархија.