Според ФЗО, станува збор за исклучително висока месечна реализација, за која велат дека е постигната со засилена обработка на предметите и внимателно планирање на расположливите средства

Во текот на минатиот месец биле исплатени 623 150 780 денари по основ на надоместок на плата за привремена спреченост за работа, информираат од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО). Од оваа сума 414 050 780 денари се исплатени за породилни отсуства.
Според ФЗО, станува збор за исклучително висока месечна реализација, за која велат дека е постигната со засилена обработка на предметите и внимателно планирање на расположливите средства. Целта, додаваат оттаму е исплатите кон осигурениците да се одвиваат редовно и со стабилна динамика.
„При обработката на предметите се почитуваше хронолошкиот редослед, при што приоритет беше даден на осигурениците чии барања се со постар датум. Со ваквата динамика Фондот создаде услови надоместоците за боледување, а особено надоместоците за породилно отсуство, да се исплаќаат тековно и редовно“,
велат од ФЗО.
Оттаму додаваат дека со исплатата на средства за породилни надоместоци не е нарушено редовното намирување на другите финансиски обврски на Фондот.
Од ФЗО велат дека редовната исплата на боледувањата, со посебен фокус на породилните надоместоци, останува еден од приоритетите, паралелно со обезбедувањето финансиска стабилност и непречено извршување на сите други обврски кон осигурениците и здравствениот систем.
