Реакцијата на Фондот следува откако денеска Државниот завод за ревизија го објави извештајот од направената ревизија во ФЗО за 2021 година. Како дел од неправилностите кои ги утврдил ДЗР во работењето на ФЗО, меѓу другите, се и несоодветно воспоставени или спроведени контроли при остварување на правата од здравственото осигурување, а несоодветно спроведување на контролите било утврдено во процесот на препишување и издавање лекови
Правото на здравствена заштита на граѓаните не е загрозено, а лекувањата, упатите за прегледите и боледувањата, издавањето рецепти од страна на матичните лекари, како и издавањето лекови на граѓаните, се одвива непречено и граѓаните без застој можат да ги користат овие здравствени услуги.
Ваква е реакцијата на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) на ревизорскиот извештај за работата на Фондот за 2021 година кој денеска го објави Државниот завод за ревизија (ДЗР), а според кој, во работењето на ФЗО се утврдени низа недоследности и пропусти.
„Подрачните служби на Фондот во континуитет ги примаат барањата. Покрај ова, подрачните служби се достапни и телефонски преку јавно објавени линии за информации за осигурениците, на кои тие можат да се обратат и да добијат информации во врска со сите решенија кои се усогласени со матичните лекари, а преку кои осигурениците можат да ја остварат здравствената заштита“,
се наведува во реакцијата на Фондот за здравствено осигурување.
Во дописот кој Фондот го испрати до медиумите дополнително се наведува дека техничките тимови при ФЗО работат на враќање во функција на системот за исплата, со што би се запазиле законските рокови за исплата на плати за здравствените работници, но и за другите форми на исплата – боледувањата, породилното отсуство и рефундациите.
Државниот ревизор денеска го објави извештајот од направената ревизија во Фондот за 2021 година, според која се утврдени низа пропусти и неправилности во работата на ФЗО.
Како дел од неправилностите кои ги утврдил ДЗР во работењето на ФЗО, меѓу другите, се и несоодветно воспоставени или спроведени контроли при остварување на правата од здравственото осигурување, а несоодветно спроведување на контролите било утврдено во процесот на препишување и издавање лекови.
Државниот ревизор утврдил пропусти и во постапката во која осигурените лица се упатуваат на лекување во странство, при што во целост не се обезбедила соодветна правна заштита на барателите, а не бил воспоставен ниту систем за контрола на успешноста на лечењето во странство.
Неправилности во работењето на ФЗО за 2021 година се утврдени и во исплатата на надоместоци за породилно отсуство, при што тие се исплаќале и во случај кога осигурениците добивале плата за ефективни часови на работа.