Програмската директорка на „Фридом хаус“ за Европа и Евроазија, Софија Орлоски, во изјава за Гласот на Америка изрази длабока загриженост за настаните во Србија по објавувањето дека власта побарала проверка на сметките на сите новинари и невладини организации кои го критикуваат претседателот Александар Вучиќ и неговата партија СНС.
На списокот се наоѓаат 37 организации и здруженија, како и 20 лица чие финансиско работење го истражува Управата за спречување перење пари и тероризам.
„Со оглед на тоа што објавениот список содржи имиња на добро познати и почитувани истражувачки медиуми, организации за човекови права, новинари и активисти, се остава впечаток за отворен и систематски напад на критиката наместо кредибилна истрага за изолиран инцидент“,
изјави Орлоски за Гласот на Америка.
Таа потенцира дека ваквото однесување на српските власти наликува на познати тоталитарни режими, кои со слични обвинување се пресметуваат со неистомислениците.
„Тоа е редовна појава во евроазиските тоталитарни држави кои се обидуваат да замолчат независни набљудувачи и противници – најчести во Русија, но и во Турција, Казахстан или Таџикистан. Српските власти започнаа наводна истрага против групи и поединци кои отворено укажуваа на широко распространета корупција од страна на владини претставници и го критикуваа назадувањето на Србија во областа на човековите права“,
подвлече Орлоски.
Според неа, тоа е показател дека властите се подготвени да ја злоупотребат важноста на транспарентноста и одговорните институции за да постигнат политички цели и ги предупреди властите во Србија веднаш да престанат со нападите.
„Властите треба да објаснат со целосна транспарентност која е причината за нивната загриженост во однос на групите и поединците кои се најдоа на списокот на проверка. Силниот невладин сектор во Србија може да биде важен партнер во подобрувањето на начинот на владеење и почитувањето на основните слободи. Наместо закани, властите треба да се вклучат во искрен дијалог“,
заклучи Софија Орлоски.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска на прес-конференција одговори на прозивките со укажување дека непотребно се кревала врева. Според него, важно е да постои силен цивилен сектор, но и дека е важно законите да важат за сите подеднакво и никој да не биде над нив.
„Не станува збор за посебни списоци, туку за најобична проверка. Ама секогаш тоа се поврзува со политиката. Целта е да се крене врева дека наводно се загрозени за да добијат некој долар повеќе од донаторите. Тоа е така веќе 30 години“,
изјави денеска Вучиќ.
Како потврда дека се работи за обична проверка, Вучиќ напомена дека на листата на Управата за спречување перење пари и тероризам се наоѓале и имињата на четири члена на српската влада.