Иако земјава и натаму останува во групата делумно слободни земји, се констатира дека претседателски избори лани помогнаа да се поправи штетата од недемократското владеење на поранешниот премиер Никола Груевски
Северна Македонија во изминатата година забележа напредок во политичките права и граѓанските слободи, но и натаму останува во групата делумно слободни земји, покажува најновиот извештај американската невладина организација „Фридом хаус“ за слободата во светот во 2020 година.
На скалата од 1 (најлошо) до 100 (најдобро) места, земјава се наоѓа на 63-то место, што е за четири позиции подобро во однос на извештајот за 2019 година.
„Фридом хаус“ наведува: „Во Северна Македонија лани се одржани фер и демократски претседателски избори, кои помогнаа да се поправи штетата од недемократското владеење на поранешниот премиер Никола Груевски.“
Целиот извештај за земјава наскоро ќе биде објавен.
Од земјите во регионот, во групата на слободни држави се Словенија, Хрватска, Грција и Бугарија, а Албанија, Србија, Црна Гора, Косово, БиХ се делумно слободни земји рангирани меѓу 53-то и 67-то место.
Од 195 земји во светот опфатени во анализата на „Фридом хаус“, 83 се означени како слободни, 63 како делумно слободни, а 49 неслободни.
Листата најслободни земји ја предводат Норвешка, Шведска, Финска и Холандија, а најлошо позиционирани се Сирија, Јужен Судан, Северна Кореја, Саудиска Арабија и Либија.
Бројот на слободни земји годинава е помал за три проценти, а на делумно слободните и неслободните е зголемен за два отсто.
„Фридом хаус“ забележува пад на демократијата во целиот свет и тоа не само во земјите со авторитарни режими, туку и во држави кои имаат долгогодишна демократска традиција. Политичките и граѓанските права се загрозени, популистичките лидери и партии ги засилиле нападите врз независните институции, а во многу земји демократијата е под закана, се констатира во извештајот.