Реакцијата на поранешниот амбасадор во Постојаната мисија на С Македонија во ООН, Љубомир Фрчкоски, следува откако претходно денеска, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на брифинг со новинари рече дека Министерството има сериозни индиции дека поранешниот амбасадор Љубомир направил злоупотреба на јавни буџетски средства
„Го повикувам јавно министерот, со минимум аргументи и докази, да покаже случај на, не мора шестоцифрена, ако му е многу, еве на двоцифрена злоупотреба на финансиски средства што јас сум ја направил надвор од овластувањата, кои со Законот за надворешни работи се овластувања на секој амбасадор“, се вели во писмената реакција на поранешниот амбасадор во Постојаната мисија на С Македонија во ООН, Љубомир Фрчкоски, за наводите на министерот Тимчо Муцунски, кој денеска кажа дека имаат сериозни индиции оти Фрчкоски злоупотребил јавни буџетски средства и оти штетата која ја направил изнесува шест цифри во евра.
Фрчкоски вели дека изјавите на министерот кого го нарекува неискусен се премногу наивни и манипулативни за јавноста.
„Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, денес, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека МНР спровело истрага за работата на Амбасадорот во Постојаната мисија на Северна Македонија во ООН, Љубомир Фрчкоски, и импровизираше дека во неа Тој видел финансиски злоупотреби со шестоцифрени бројки…; но за нив не можел ништо да зборува…; туку ќе го предадел наводниот Извештај на правосудните органи кои понатам, ако одлучат, ќе постапувале…“
се вели во писмената реакција на Фрчкоски.
Дополнително, тој му порача на Муцунски да не води како што кажа „вмровски истраги“, туку нормални, доколку сака и има намера да дојде до фактите и вистината.
„Го повикувам исто така Министерот да не прави крупни, елементарни правни пропусти (за да добие посакуван резултат со конструирање на наводни злоупотреби), праќајќи во ревизија нелиценцирани, ненадлежни ревизори во пензија (за што има докази и сведоци) – чија “истрага и акти – Извештај“ не може да бидат користени како никаков правен доказ ниту во дисциплинска ниту во судска постапка“,
заклучува Фрчкоски.
Претходно денеска, на брифинг со новинари, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски рече дека имаат индиции оти Фрчкоски додека ја извршувал функцијата на Постојан Амбасадор во ООН сторил штета од шест цифри во евра, и оти за овој случај ќе ги информира институциите во правосудството.