Завчера израелската влада објави започнување на нова воена кампања што вклучува освојување на Појасот Газа и масовно раселување на населението во рамките на територијата

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека ситуацијата во Газа во моментов е најкритична досега, додавајќи дека присилното раселување на палестинското население што го предвидува Израел е неприфатлив одговор.
„Никогаш, никогаш толку долго населението не било далеку од медицинска нега, без можност за спасување на ранетите, далеку од храна, лекови и вода“,
предупреди францускиот претседател за време на прес-конференцијата со новиот германски канцелар Фридрих Мерц во Елисејската палата.
Макрон повторно го повика Израел да го отвори коридорот за хуманитарна помош кон палестинската територија, кој Израел го блокира од 2 март. Со недели, претставници на ОН и невладини организации издаваат предупредувања за ризикот од глад. Израелската влада вели дека блокадата има за цел да го принуди Хамас да ги ослободи заложниците што сè уште ги држи во Појасот Газа од нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година.
Францускиот премиер Франсоа Бајру ја осуди неподносливата состојба на цивилното население во Газа.
„Фактот дека населението е неухрането, дека повеќе немаат пристап до храна, вода… сето ова е апсолутно неподносливо. Најавите дека целта сега е да се освои Газа, како и разговорите за раселување на населението, исто така се неподносливи. Но, оваа бомба имаше детонатор, што се случи со погромот од 7 октомври“,
додаде тој.
Завчера, израелската влада објави започнување на нова воена кампања што вклучува освојување на Појасот Газа и масовно раселување на населението во рамките на територијата.
„Газа ќе биде целосно уништена“,
рече вчера крајно десничарскиот израелски министер за финансии Безалел Смотрих кога беше прашан за неговата визија за повоена Газа.