Засега мерките ќе бидат ограничени на одредени региони
Францускиот премиер Жан Кастекс ги повика граѓаните на одговорност поради наглиот пораст на новозаразени со коронавирусот.
Франција во последните 24 часа регистрира 5 429 нови случаи на зараза, соопшти Агенцијата за јавно здравје на Франција, што претставува најголем број на новозаразени откако беа укинати мерките на изолација и откако се спроведува масовно тестирање.
Последен пат кога имаше толку многу заразени беше во средината на април. Прагот од 4 000 заразени во едно деноноќие беше надминат неколку пати изминатите денови.
Поради ваквата ситуација, француската влада најави нови обврзувачки мерки против ширење на ковид-19, со кои сака да избегне земјата повторно да биде во карантин.
Премиерот Кастекс повика на враќање на редовните обврски во компаниите и во училиштата, со почитување на мерките.
Здравствениот протокол за почеток на учебната година предвидува сите да носат маска на училиште, а протоколот за компаниите ќе биде објавен за време на викендот, најдоцна до понеделник, односно ден пред да стапи на сила задолжителното носење маска на работното место.
Од вторникот навечер, носењето маска веќе е задолжително во Марсеј, а баровите и рестораните работат до 23 часот.
Засега мерките ќе бидат ограничени на одредени региони, а до крајот на оваа недела можно е тие да го опфатат и Париз, поради масовното ширење. Досега, обврската за носење маска е ограничена во одредени области на главниот град.
Новиот пакет мерки ќе биде презентиран на 3 септември.
Од почетокот на епидемијата досега, во Франција има 253 587 случаи со коронавирус, од кои 30 544 досега починале.