Државите низ светот продолжуваат со воведување на различни мерки со цел спречување на ширењето на коронавирусот. Франција најави дека ја ограничува продажбата на „Парацетамол“ со цел да се избегне бескорисно снабдување. Од утре едно лице ќе може да купи само една кутија со „Парацетамол“, а две при треска или болки.
Продажбата ќе биде забранета да се извршува онлајн.
Од утре од 10 часот пак, во сите градови во Србија ќе биде забренет излез за сите постари лица од 65 години, а во селските средини излезот ќе биде забранет за лицата постари од 70 години, соопшти српскиот претседател Александар Вучиќ, вечерва на вонредна прес-конференција.
Вучиќ кажа дека од утре во 20 часот до 05 часот ќе биде забрането движење на улиците во Србија на сите лица, освен органите на власт и оние кои ќе имаат работна обврска.
„Војска ќе ги преземе сите гранични премини, мигрантски центри, болници и други објекти“,
рече Вучиќ.
Тој појасни дека целта е да за два до три дена да бидат укинати сите автобуски и железнички линии, а луѓето да останат во своите домови.
Светската здравствена организација (СЗО) ги повика луѓето кои се сомневаат дека се заразени со новиот коронавирус да не земаат ибопруфен без да се консултираат со лекар.
Регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Анри Клуге, смета дека Европа добро се справува со епидемијата на коронавирусот и дека заразата може да се надмине со солидарност и дисциплина.
„На милиони луѓе во нашиот регион, животот се промени радикално, ние едноставно живееме во нова реалност“,
рече Клуге, кој се обрати до јавноста од празното седиште на ОН во Копенхаген.
Тој потврди дека вирусот погодил 152 земји, дека 7.000 луѓе починале и дека третина од потврдени случаи се во Европа, што го прави епицентар на пандемијата.