Премиерот Оливер Спасовски рече дека се размислува прес конференциите да бидат преку интернет
На прес-конференцијата на премиерот Оливер Спасовски по координативниот состанок на партиските лидери за состојбата со коронавирусот во земјава непосредно пред почетокот на кампањата за претстојните избори, во медија-центарот столчињата за новинарите, кои вообичаено беа поставени едни до други, беа раздвоени.

Ова го најави на прес-конференцијата претпладнево министерот за здравство Венко Филипче, кој дури препорача новинарите да не си го подаваат микрофонот меѓу себе, туку вработен во службите ќе го прави.

Премиерот Спасовски, одговарајќи на забелешките дека во медија-центарот се преземени мерки, но надвор секој може да пријде и да зема изјави рече дека уште од утрово се разгледуваат опции како да се одвиваат овие прес-конференции во согласност со препораките за заштита од вирусот.
„Нема никаков проблем во овој дел, ги разбирам ставот и претпазливоста, и важно е здравјето на секој. На крајот од краиштата, сите сме луѓе и пристапот треба да е ист за сите. Јас размислував дали е можно да правиме прес-конференции преку интернет и мислам дека е добро што се иницира ова прашање, секој предлог што го имате вреди да се разгледа“, рече Спасовски.