Зачудени од поставените полициски ленти околу казиното, дел од граѓаните што ги сретнавме таму веста за убиството што рано утринава се случи во скопско Тафталиџе ја слушнаа од неколкуте новинарски екипи кои беа на местото на настанот
Според полицискиот, но и извештајот од Јавното обвинителство, на убиството на 46-годишникот од скопско Арачиново му претходела расправија меѓу осомничениот и убиениот додека биле во казиното и играле на апаратите
Денот во скопско Тафталиџе, според жителите на оваа населба, осамнал исто како и секој претходен. Ретко кој од жителите, кои ние ги затекнавме таму, знаеше дека во нивната населба утринава се случило убиство.
Родители со деца и пензионери претпладнево појадуваа на масите пред млечниот ресторан „Магнолија“ не знаејќи дека во казиното на неколку метри отспротива рано утринава се случило пукање со трагичен крај.
Зачудени од поставените полициски ленти околу казиното, дел од граѓаните што ги сретнавме таму веста за убиството ја слушнаа од неколкуте новинарски екипи кои беа на местото на настанот.
Сите четири страни од зградата кои водат до влезот на казиното се обележани со полициски ленти.
Полициски екипи се на терен и ги проверуваат околностите за инцидентот што утринава околу 8 часот се случи во казино спроти Млечен во Тафталиџе и заврши кобно за 46-годишник со иницијали Н.А. од скопско Арачиново.
Според полицискиот, но и извештајот од Јавното обвинителство, на убиството му претходела расправија меѓу осомничениот и убиениот.
Двајцата и две други лица пристигнале во казиното и извесно време играле на апаратите, по што се скарале и почнале да се туркаат. Другите двајца се обиделе да ги раздвојат, но осомничениот извадил пиштол и неколкупати пукал во жртвата, а потоа го удирал во глава со задниот дел од пиштолот.
Четириесет и шестгодишникот починал на самото место.
По наредба на обвинителот, неговото тело е дадено на обдукција, а ќе се врши вештачење на траги и докази подигнати од местото на настанот и ќе се разговара со сведоците. Обезбедени се и снимки од видеонадзорот.
Булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, каде што е лоцирано казиното, претпладнево беше делумно затворен.
Блокирана за сообраќај беше лентата во насока од Центар кон Влае, додека другата беше проодна.
Во моментов и двете ленти од булеварот се отворени, а сообраќајот се одвива без поголем проблеми.