Портите на локалот каде што синоќа се случи двојното убиство денеска останаа затворени за посетители
На еден од аглите на објектот од надворешната страна може да се забележи безбедносна камера. Таа, како и снимките од другите камери од околните локали и тие од камерите од системот „Безбеден град“ (Safe city), треба да им послужат на истражителите и обвинителите во истрагата за двојното убиство
Датумот е 7 март. Ден вторник. Точно напладне. Во Старата скопска чаршија е мирно, но раздвижено. Граѓаните ги користат убавото време и зимското сонце за прошетка по чаршиските сокаци. Во чајџилниците се пие чај и се игра табла. Посебен шмек на денот му даваат тезгите и излозите на продавниците преполни со рози во пресрет на утрешниот Ден на жената.
По ништо не се насетува дека вчеравечер во едно од кафулињата лоцирани во Старата скопска чаршија се случи двојно убиство.
Ниту пред самиот локал, каде што синоќа се случи крвопролевањето и вриеше од полиција, нема знаци што укажуваат на кобниот епилог од синоќешната престрелка во која на местото на настанот загинаа две лица, а едно беше повредено. Улицата во подножјето на Скопското кале, која синоќа беше затворена за сообраќај поради престрелката, сега е проодна. Врват и автомобили и луѓе.
Единствено нешто што „отскокнува“ од тивкото пладне е бучавата на машините на работниците кои поставуваат камени коцки пред објектот што се наоѓа веднаш до скопското кафуле на почетокот на чаршијата.
Портите на локалот каде што синоќа се случи двојното убиство денеска останаа затворени за посетители. На вратата единствено нè пречека сметка за направени трошоци, која најверојатно била оставена утринава.
Зад затемнетите стакла на долниот кат од кафе-барот не можеше многу да се види.
Помеѓу празните маси и столчиња, единственото нешто што можеше да се забележи, најверојатно од претходната вечер, се неколку неиспиени пијалаци и чаши на дел од масите (на долниот кат).
Исто така, на еден од аглите на објектот од надворешната страна може да се забележи безбедносна камера. Таа, како и снимките од другите камери од околните локали и тие од камерите од системот „Безбеден град“ (Safe city), треба да им послужат на истражителите и обвинителите во истрагата за двојното убиство.
Од кафулето каде што синоќа се случи престрелката се земени траги и материјални докази кои по наредба на јавен обвинител се предадени на вештачење. Во меѓувреме, додека траат вештачењата, според издадените наредби на јавниот обвинител, треба да бидат извршени разговори со ранетиот во нападот и со други лица што синоќа биле присутни во локалот.
По насока на Обвинителството, денеска екипи на Министерството за внатрешни работи вршат детален увид на патот кон Горно Оризари каде уште синоќа било лоцирано запаленото возило „ауди а6“, со кое се претпоставува дека напаѓачите побегнале по пукањето во Старата скопска чаршија. Прегледи се вршат и на локацијата каде што е оставено возилото, а сите траги и докази што ќе бидат собрани во увидот ќе се вештачат.
Во соопштението од Јавното обвинителство не се наведува бројот на вооружени лица што учествуваа во крвавиот напад, ниту се наведени иницијалите на жртвите и ранетиот. Сепак, за овие детали претходно утрово информираа од МВР. Според скопската полиција, во инцидентот учествувале петмина напаѓачи кои носеле црна облека и биле маскирани со фантомки.
Според неофицијалните информации што се појавија во медиумите, а се однесуваат на идентитетот на убиените, станува збор за Јетон Кривањева и Енес Исени, што соодветствува на иницијалите што и синоќа и утрово ги соопшти полицијата.
Двајцата наводно се наоѓале на вториот кат од угостителскиот објект каде што биле пронајдени од сторителите. Сепак, потврда за ваквите наводи денеска немаше ниту од МВР ниту од Јавното обвинителство.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
МВР за двојното убиство во Стара чаршија: Пукано е кон три лица, двајца починале на лице место
(ФОТОГАЛЕРИЈА) По двојното убиство, врие од полиција кај Старата скопска чаршија
Детали за двојното убиство: Напаѓачите влегле маскирани, фиксирани се траги на лице место
Третиот ранет во Стара чаршија е пуштен на домашно лекување: Имал две прострелни рани