Осомничениот е 22-годишен Данец кој не давал отпор при апсењето и ѝ е познат на полицијата „но само површно“, изјави главниот инспектор Сорен Томасен на прес-конференција, додавајќи дека не може да ги потврди пишувањата на сцијалните мрежи дека мотивот е расизам
Инспекторите изјавија дека не ја исклучуваат можноста за „тероризам“, но претпоставуваа дека напаѓачот дејствувал сам
Три лица се убиени вчера во оружен напад во трговски центар во Копенхаген, соопшти данската полиција. Неколку лица се ранети, а тројца од нив се во критична состојба.
Осомничениот е 22-годишен Данец кој не давал отпор при апсењето и ѝ е познат на полицијата „но само површно“, изјави главниот инспектор Сорен Томасен на прес-конференција. Мотивот на осомничениот, кој полицијата го опишува како „етнички Данец“, се уште не е целосно јасен.
„Тоа не е некој што многу добро го познаваме“,
рече Томасен.
Убиени се маж на возраст од четириесет години и две млади лица чии години не се откриени.
„На социјалните мрежи може да се прочита дека се работи за расистички и друг мотив, но не можам да кажам дека во моментов имаме што да го потврдиме тоа“,
додаде тој.
Сепак, полицијата потврди дека ги прегледува видеата објавени на интернет на кои осомничениот вперува пиштол во сопствената глава, што покренува прашања за неговата психичка состојба. Инспекторите претходно изјавија дека не ја исклучуваат можноста за „тероризам“, но претпоставуваа дека напаѓачот дејствувал сам.
Нападот се случи на местото каде пред два дена учесниците на велосипедската трка „Тур де Франс“ поминаа низ главниот град на Данска.
Пукањето се случило околу 17 часот и 30 минути, што предизвикало паника. Во трговскиот центар имало поголем број посетители бидејќи во блиската сала требало да се одржи концерт на британскиот пејач Хари Стајлс, но истиот бил откажан.
Според изјавите на сведоците за данските медиуми, осомничениот се обидел да ги „намами“ жртвите велејќи дека неговото оружје е лажно, за да не му пријдат.
„Беше доволно психопат да лови луѓе, но не трчаше“,
изјави очевидец за јавната телевизија ДР.
Кога одекнале првите истрели, околу стотина луѓе се упатиле кон излезот, покажува снимката. Други се скриле во трговскиот центар.
Формиран е кризен штаб, изјави градоначалничката на Копенхаген, Софи Хисторп Андерсен и пружена им е психолошка помош.
Данската премиерка Мете Фредериксен го осуди „суровиот напад“ во трговски центар во кој се наоѓаа „возрасни, млади и деца“. Данската кралица Маргарета Втора и неколку странски лидери испратија сочувство, како и организацискиот одбор на велосипедската трка „Тур де Франс“.
Последниот напад во Копенхаген се случи на 14 и 15 февруари 2015 година, кога во неколку престрелки мотивирани од исламисти две лица загинаа, а пет беа ранети.