Скопје, и поголемиот дел од државата, вечерва се под снежна прекривка по врнежите од снег кои започнаа утрово.
Во центарот на главниот град, вечерва може да се забележи поголема раздвиженост кон Градскиот парк, а најрадосни за снегот се најмладите.
Додека дел од граѓаните ги користат временските услови за прошетка, за градските служби врнежите и ниските температури отворија дополнителна работа.
„Зимската служба на Град Скопје врши превентивна интервенција на критичните точки и мостовите во градот, заради најавените врнежи од снег и ниските температури“,
порача денеска градоначалникот Петре Шилегов.
На терен излегоа и службите од останатите скопски општини.
„Зимските служби на Општина Аеродром интензивно го расчистуваат снегот од улиците и булеварите и будно ја следат состојбата со количеството врнежи од снег“,
објавија од Општина Аеродром.
Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, пак, порача дека со работа службите ќе продолжат и во текот на ноќта, а граѓаните можат да пријавуваат блокирани прооди и снежни наноси на телефонските броеви 072 253 301 и 076 313 381.
Од Општина Карпош утринава објавија дека службите распрскува емулзиона течност, за да не заледи коловозот по повисоките места.