Пожарот се случил синоќа после полноќ, кога гром удрил во една од куќите и ја опожарил, а огнените пламени брзо се прошириле и на соседните три куќи.
Комуналните претпријатија на Општина Прилеп денеска со механизација ги расчистуваа остатоците од четирите куќи на улицата „Кузман Шапкарев“, кои синоќа изгореа речиси до темел. Пожарот се случил после полноќ, кога гром удрил во една од куќите и ја опожарил, а огнените пламени брзо се прошириле на соседните три куќи.
Огнот се гасел до три часот по полноќ. Интервенирале 17 пожарникари со 4 возила. И покрај навремената интервенција, материјалната штета не можела да се спречи, но нема повредени луѓе, информираат од Општина Прилеп.
„Веднаш свикав итна средба со сите релевантни структури и претставници на институции од градот со цел, секој од својот домен, да им излеземе во пресрет на овие семејства, кој за миг го изгубија се’ она што го печалеле цел живот. На средбата првично одлучивме, како локална самоуправа, семејствата да ги ослободиме од комунални давачки додека се обновуваат нивните куќи, а Општината ќе помогне со максималната можна финансиска помош, предвидена за вакви немили случки. Семејствата, кои не можат да најдат сместување кај своите роднини или пријатели, ќе бидат привремено сместени во Домот за стари лица и ќе добиваат топол оброк од кујната на домот. Но, во оваа прилика апелирам до сите општествено одговорни компании, како и до сите хумани луѓе, да им излезат во пресрет и да им помогнат на овие прилепски семејства, на овие наши сограѓани, да си ги обноват своите домови. Секоја помош е добредојдена!“,
изјави денеска градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.
Од Општина Прилеп, информираат дека наскоро на својата веб страница, ќе ги објават и жиро сметките на семејствата за донирање помош, како можност што повеќе граѓани да помогнат во обновата на домовите на прилепските семејства, односно вкупно седум луѓе, кои останаа без покрив над глава.