Најмладите имаа можност да се запознаат и дружат со војниците и да се запознаат со нивните задачи, како и да ја видат презентацијата на специјалната опрема и возилата на единиците во состав на Армијата и МВР
Со разновидна програма, под слоганот „Гласник на слободата“ во Градскиот парк во Скопје денеска се одбележува 8 Септември – Денот на независноста.
На Школка свиреше воениот оркестар на Армијата, настапија културно-уметнички друштва, како и Златко славејче. Членовите на Театарот за деца и младинци, пак, ја одиграа претставата „Гига Мега бајка“.
Во соработка со Агенцијата за млади и спорт, пак, се организираа и серија спортски интерактивни активности.
Најмладите, но и останатите граѓани имаа можност да видат и тактичко-показни вежби во изведба на Армијата и Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Пред граѓаните се демонстрираа борбени вештини на припадниците на Армијата, како и презентација на специјалната опрема и возила на единиците на Министерството за внатрешни работи и Армијата, со што граѓаните имаа можност одблиску да се запознаат со работата на единиците на МВР и на Армијата. Најмладите имаа можност да се дружат и со припадниците на полициските служби и Армијата и да се запознаат со реализирањето на нивните задачи“,
велат од Владата.
Од претставниците на Владата, присутни на настанот беа премиерот Димитар Ковачевски и министрите за одбрана, за внатрешни работи и за здравство – Славјанка Петровска, Оливер Спасовски и Фатмир Меџити.
Во продолжение погледнете ја фотогалеријата од Градскиот парк во Скопје.















