Ниту еден дел од главниот град не може да се види од врвот и падините на Водно
Иако според платформата „Ај-кју-ер“ ситуацијата со загадувањето во Скопје денеска не е алармантна, сепак, погледната од планината Водно, поради маглата, Скопската Котлина наликува како да е обвиткана во дебела најлонска фолија.
Ниту еден дел од главниот град не може да се види од врвот и падините на Водно. Не ѕиркаат ниту врвовите од висококатниците „Џевахир“, кои овој пат се најдоа под дебелиот слој магла што веќе неколку дена го гуши Скопје, а помешана со чадот, кој доаѓа од различни извори, го создава убиствениот смог.
Според платформата „Ај-кју ер“, во Скопје индексот на загаденост денеска е 136. Во Скопје се измерени 49,7 микрограми на кубен метар ПМ 2,5 честички, а ПМ 10 честичките се со концентрација од 57,9 микрограми на кубен метар.
Скопје во моментов е на 21. позиција според листата на загадени градови во светот. За разлика од минатите денови, според „Ај-кју ер“, воздухот во Скопје во моментов е несоодветен за чувствителни групи на граѓани.
На крајот на минатиот месец Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) издаде препораки до граѓаните дека повторно може да има зголемени концентрации на ПМ 10 честички во воздухот. Од МЖСПП издадоа препораки до граѓаните да не се користат возила без поголема потреба; повеќе лица да се возат со едно возило во исто време; да се користи јавниот превоз; да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ-амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјал; правилно да се користат печките за дрва.