Овие луѓе дојдоа кај Горбачов за да му кажат: „Благодарам господине Горбачов. Вие ни дадовте шанса, но ние ја загубивме“, рече либералиот руски политичар Јавлински
Путин поради „презафатеност“ не присуствуваше на погребната церемонија. Поради руската инвазија врз Украина и заострените односи со Западот, многу западни лидери кои вообичаено би дошле, сега не се појавија. Сепак, последна почит на последниот советски лидер оддадоа амбасадорите на САД, Германија, Велика Германија
Илјадници луѓе во Русија од утрово стоеја и со часови чекаа во редици за да му оддадат последна почит на Михаиел Горбачов, последниот лидер на Советскиот сојуз, пред да биде погребан покрај неговата сопруга Раиса на гробиштата Новодевичи.
Ковчегот со останките на Горбачов беше изложен во импозантната историска градба Сала на колоните во Домот на синдикатите во Москва каде што им се оддава последна почест на поранешните советски лидери.
Во заднина свиреше сериозна музика, додека ковчегот беше отворен, а покрај него стоеше почесна стража. Неговата ќерка Ирина и други членови на семејството седеа во првиот ред додека редица луѓе поминуваа да положат цвеќе и за последен пат да се поздрават со последниот советски лидер.
И покрај тоа што многу Руси го обвинуваат Горбачов за отпочнување на реформи кои го отворија СССР кон светот, но и предизвикаа економски хаос, како и за распадот на Советскиот Сојуз, сепак, денешните слики говорат дека многубројни се и оние кои дојдоа да му оддадат последна почит. Помеѓу нив имаше и млади и стари. Еден од нив беше и економистот и либералниот политичар Григориј Јавлински.
„Овие луѓе дојдоа кај Горбачов за да му кажат: ’Благодарам господине Горбачов. Вие ни дадовте шанса, но ние ја загубивме‘“,
рече Јавлински.
Лауреатот на Нобеловата награда за мир, новинарот Дмитриј Муратов, исто така беше присутен, а на погребната церемонија тој носеше црно-бел портрет од Горбачов.
Почесната стража покрај ковчегот со останките на поранешниот лидер е само еден елемент на државните почести што Русија можеше да му ги оддаде. Меѓутоа, тоа не се случи и тој беше испратен без државен погреб.
На него не присуствуваше ниту претседателот Владимир Путин. Официјалното објаснување од Кремљ беше дека во неговиот набиен распоред нема место. Претходно во четвртокот, тој приватно положи цвеќе и изрази длабоко сочувство до семејството.
Ако се има предвид дека распадот на Советскиот Сојуз Путин го нарекува „најголемата геополитичка катастрофа на векот“, како и гласините дека двајцата имале „затегнати односи“ и нивната последна средба наводно била во 2006 година, тогаш и не е изненадување што рускиот претседател му ги скрати државните почести на Горбачов и одлучи поради „презафатеност“ да не присуствува на погребот.
Поради руската инвазија на Украина, на погребот во Москва не присуствуваа западни шефови на држави и влади.
Меѓутоа, присуствуваше унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој важи за близок сојузник на Путин. Се појави уште еден сојузик на Путин – поранешниот руски претседател и премиер Димитриј Медведев кој сега е заменик-шеф на рускиот Совет за безбедност.
Меѓу странски претставници беше и амбасадорот на САД во Москва, Џон Саливан, а присутни беа и амбасадорите на Германија и Велика Британија.
Горбачов почина во вторникот на 91-годишна возраст. Важеше за лидер од светски рамки кој беше миленик на Западот затоа што помогна мирно да заврши Студената војна, да се олесни обединувањето на Источна и Западна Германија и да се склучи договор за контрола на оружјето со САД. Добитник е и на Нобелова награда за мир во 1990 година поради неговата водечка улога што ја имаше во радикалните промени на односите помеѓу Истокот и Западот.