Демократската градоначалничка Карен Бас најавува брза реконструкција на градот. Новоизбраниот претседател Доналд Трамп и другите републиканци ја критикуваа за катастрофата, која таа ја дочека додека беше надвор од државата бидејќи неодамна го скрати буџетот на пожарникарите
Бројот на загинати во разорните пожари што беснеат низ Лос Анџелес денеска се искачи на десет, а пожарот уништи речиси 10 000 објекти и не покажува знаци на стивнување.

Пожарот во близина на населбата Пацифик Палисадес, која се наоѓа меѓу Санта Моника и Малибу на северозападниот дел на градот, речиси стана најразорниот во американската историја откако се прошири на повеќе од 13,7 илјади хектари и целосно изгоре цели населби.
Бројот на загинати би можел да порасне
Бројот на загинати во пожарите се искачи на десет, објавија градските власти доцна во четвртокот по локално време, без да дадат детали за околностите на смртта.
Шерифот на округот Лос Анџелес, Роберт Луна, претходно изјави дека, за жал, очекува тој број да расте.
„Изгледа како атомска бомба да паднала на тие области. Не очекувам добри вести и се плашиме од овие бројки“,
изјави Луна.
Приватната метеоролошка организација „Аку ведер“ (AccuWeather) ја проценува досегашната штета од пожарите меѓу 135 и 150 милијарди долари.
Демократската градоначалничка Карен Бас најавува брза реконструкција на градот. Новоизбраниот претседател Доналд Трамп и другите републиканци ја критикуваа за катастрофата, која таа ја дочека додека беше надвор од државата бидејќи неодамна го скрати буџетот на пожарникарите.
Актуелниот демократски претседател Џо Бајден во вторникот прогласи катастрофална состојба, а во четвртокот вети дека владата ќе финансира 100 отсто од компензацијата за отстранување на урнатините и опасните материјали, привремените засолништа и платите за теренските служби во следните 180 дена.
„Им реков на гувернерот и на локалните власти – не штедете напори да го направите она што треба да го направите за да ги запрете овие пожари“,
рече Бајден.
Во Лос Анџелес гореа вкупно пет пожари. Најголемиот, оној во Палисадес, изгаснат е само шест отсто, а оној во Итон воопшто не е изгаснат. Небото е полно со авиони и хеликоптери кои фрлаат средства и вода на запалените ридови.
Голем канадер позајмен од Канада е оштетен и приземјен откако удрил во беспилотно летало кое нелегално летало во близина на Палисадес, соопштија пожарникарите.

Еден пожар рапидно расте во близина на Калабасас, еден од најбогатите градови во САД и дом на многубројни ѕвезди. Таканаречениот пожар на Кенет порасна на 388 хектари за само неколку часа.
Предупредување за евакуација испратено по грешка
Властите во Лос Анџелес, пак, по грешка испратија предупредување за евакуација на 9,6 милиони луѓе, иако тоа беше наменето само за жителите во близина на пожарот Кенет.
Официјални лица рекоа дека пожарот во Итон оштетил или уништил четири до пет илјади објекти, а пожарот во Палисадес оштетил или уништил уште 5,3 илјади.
Некои од жителите на Палисадес се вратија во опожарената област каде што веќе помина пожарот.
„Ние сме живи. Тоа е сè што е важно“,
рекол приватниот телохранител Билал Туки додека стоел пред изгорениот дом на својот работодавец, споредувајќи ја сцената со неговата татковина Авганистан.
„Осигурувањето нема да ја исплати вредноста на куќата“
Наставата во Лос Анџелес е откажана втор ден по ред поради загадениот воздух.
Огнот во Итон стигна до земјиштето на опсерваторијата „Маунт Вилсон“, местото каде што пред еден век Едвин Хабл откри дека постојат галаксии надвор од Млечниот Пат и дека универзумот се шири. Опсерваторијата подоцна објави дека пожарот таму е ставен под контрола.
Во Алтадена, блиската посиромашна населба, многу жители во изјава за Ројтерс рекле дека се загрижени оти владините средства ќе бидат пренасочени во побогатите населби и дека осигурителните компании ќе им ги намалат отштетите затоа што немаат финансиски средства за правна битка.
„Нема да ти ја платат вредноста на куќата. Нема да ви ја покријат штетата, за тоа треба навистина да се борите“,
изјавила 63-годишната Кеј Јанг гледајќи на местото каде што стоела нејзината куќа.
„Никаде немаше пожарникари“
Пожарникарите успеале целосно да го стават под контрола пожарот во близина на Холивуд Хилс. Пацифик Палисадес, некогаш идилично соседство, сега изгледа апокалиптично.

Еден жител, 65-годишниот Џон Кар, рече дека ги игнорирал наредбите за евакуација и останал успешно да го брани својот дом.
„Куќата е изградена во 1960-тите години од мајка ми и татко ми, а јас живеам таму цел живот, па е полна со спомени. Мислам дека им должев да направам сè што е можно за да се обидам да ја спасам“,
изјавил тој.
Кар додал дека никаде немало пожарникари да му помогнат или да ги спасат домовите на неговите соседи.
„Да донесеа противпожарни возила и да прскаа малку ваму, малку таму, да внимаваа на работите, сите тие куќи ќе беа и понатаму тука“,
тврди 65-годишникот.