„Барам секој од вас да повика на обединување за да продолжиме напред“, вели Заев во денешната порака до членството, откако вчера јавно повика на обединување
Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска упатил СМС порака до членовите на партијата во која ги повикува на засилен ангажман во пресрет на вториот круг од локалните избори.
„ Другар/ки, СДСМ е во акција! Разговарајте со граѓаните и уважете сечиј став. Барам секој од вас да повика на обединување за да продолжиме напред. Ваш, З Заев“,
се вели во СМС- пораката.
Заев вчера на прес-конференција во партиското седиште повика на обединување и им се заблагодари и на партнерите во владината коалиција кои во текот на целиот ден јасно порачаа дека остануваат во власта.
Во овие моменти, рече тој, многу значи нивната јасно искажана определба да бидат обединeти. Тој исто така кажа дека граѓаните упатиле јасна критика, опомена, казна …
„Ние тој став го слушаме, разбираме и уважуваме. Свесни сме и јас лично и партијата дека повеќе нема толеранција за повторување на истите грешки. Ние сме партија која ги слуша луѓето, а не гази врз нив. СДСМ учи, се менува и ги поправа сопствените грешки за да обезбеди брз напредок на државата и подобар живот на државата. Ова е демократска отворена, приземјена политичка опција која се коригира и менува после критика. СДСМ од понеделникот е влезена во процес на редефинирање и унапредување на каналите за интеракција и комуникација со граѓаните. Преземаме чекори за подобро разбирање и побрзо реагирање на потребите на граѓаните“,
рече Заев.